ОТВОРЕНА ФАБРИКАТА НА ТУРСКИ „ЧАГАТАЈ КАБЛО“ ВО БУНАРЏИК

Во технолошко-индустриската развојна зона, Бунарџик 1 денеска ќе почне со работа фабриката „Чагатај Кабло“ што ќе произведува кабли за автомобилската индустрија пред се наменети за автобусите на „Ван Хол“.

Камен-темелникот на оваа фабрика беше поставен минатата година во септември. Во јануари годинава Владата донесе одлука за давање согласност на договорот за доделување на  државна помош во облик на даночни олеснувања на оваа турска компанија, појаснувајќи дека одлуката е во согласност со Законот за ТИРЗ и мерките од „Планот за економски раст“ кои беа промовирани од Владата на Република Македонија.

Максималниот износ на државна помош во однос на договорот е предвидена да биде во висина до 50 проценти од износот на инвестицијата и е во согласност со законските прописи на Република Македонија и со почитување на европската регулатива за транспарентност во доделувањето на државната помош.

Инвестицијата е во вредност од 4 милиони евра, со 80 вработени, а компанијата очекува да вложи вкупно 6 милиони евра и да вработи 300 лица.

На почетокот на производството на фабриката „Чагатај Кабло“ ќе присуствуваат премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за економија Крешник Бектеши, директорот на ТИРЗ Александар Младеновски и сопственикот на компанијата, Ахмет Короглу.