(MK) ВТОРА ФАБРИКА НА ЏОНСОН КОНТРОЛС ВО МАКЕДОНИЈА

Во технолошко-индустриската развојна зона Штип почна изградбата на нова фабрика за производство на навлаки за автомобилски седишта на американскиот автомобилски гигант „Џонсон Контролс“. Инвестицијата изнесува приближно 20 милиони американски долари, и ќе отвори 1400 нови работни места. Новиот капацитет ќе се простира на 50.000 квадратни метри од кои 12.500 квадратни метри ќе бидат згради. Камен темелникот го поставија премиерот Никола Груевски, Владимир Теплик од „Џонсон Контролс“, амбасадорот на САД во Република Македонија Пол Волерс и вицепремиерот Владимир Пешевски.
Премиерот Никола Груевски истакна дека инвестицијата на автомобилскиот гигант „Џонсон Контролс“ е во вредност од околу 20 милиони долари, а во која ќе се вработат 1.400 работници.

– За првпат во поновата историја на Република Македонија присуствуваме на камен-темелник на втора по ред голема гринфилд инвестиција на еден ист странски инвеститор во нашата земја. Задоволството е уште поголемо, доколку се согледа дека во услови на светски економски бранувања и тектонски пореметувања во економијата на нашиот јужен сосед, Македонија е домаќин на една голема серија на странски инвестици. Во последните два месеца започнаа дури шест големи проекти, кои долгорочно треба да донесат неколку илјади нови вработувања во нашата земја. Почна реализацијаа на инвестицијата на италијанската Технохозе, се гради фабриката на американскиот Кемет електроникс, германската Кромберт и Шуберт доби дозвола за градба во зоната во Битола, рускиот Протек груп ја најави својата инвестиција во Бунарџик, индиската компанија Мадерсон започна со изградба на фабрика во Бунарџик, се официјализира новата македонска холандска инвестиција на Стилкон во Кумановско, во Струмица се отвори откупно дистрибутивнот центар на хрватски Агрокор, а веќе денес поставуваме камен-темелник на втората фабрика на американскиот гигант Џонсон Контролс, истакна премиерот Груевски.

Премиерот додаде дека кога некоја компанија по вторпат одлучува да инвестира во нашата земја тоа значи дека е задоволна од првата инвестиција, но е и задоволна од условите, од комуникацијата со властите и од сите останати параметри кои се потребни за добар бизнис.
Потпретседателот на трим-операциите на Џонсон контролс, Владимир Теплик појасни дека компанијата има 20 фабрики во Европа, а две од нив се веќе во Македонија.

– Благодарејќи на добрите економски политики на Владата ние ја почнуваме реализацијата на втората наша фабрика во Македонија. Џонсон контролс е присутна во 150 земји со над 154.000 вработени. Во Република Македонија наидовме на најдобри услови за гринфилд-инвестиции и затоа меѓу шест земји од Југоисточна Европа и две од Африка ја одбравме вашата држава. Во еден погон на Македонка почнаа да пристигнуваат машините и во него ќе се оспособуваат првите кадри за потребите на производството на автомобилски навлаки со кои ќе снабдуваме повеќе фабрики за автомобили во Европа. Тоа значи дека овде ќе се произведува за извоз, за европскиот пазар, рече Теплик.
Владимир Теплик истакна дека во тек се интервјуата со оние лица кои што конкурирале за вработување во новата фабрика на Џонсон Контролс и дека новата фабрика ќе се изгради до септември 2012 година, а веќе за две недели во кругот на поранешна Македонка со работа почнуваат и првите вработени во новата фабрика.