Хај- Тек

,,Хај –тек Асембли Центар’’ е првата домашна  компанија која донесе одлука за инвестирање во Македонија, чиј основач и сопственик  е ,,Хај-тек Корп.’’од Скопје. Нејзините производи се применуваат во автомобилската, воздухопловната и воената индустрија, како и производството на медицинска опрема. Клиентите на оваа македонска компанија се глобални брендови, како што се ,,Continental”, ,,Siemens”, ,,Bosch” и ,,Philips”.

Во фебруари, 2016 година, беше поставен камен темелник на фабриката на ,,Хај-Тек’’ во ТИРЗ Скопје 1. Како добавувач на голем број светски компании од автомобилската индустрија во делот на електронски плочи, со својата нова дејност во ТИРЗ, компанијата ,,Хај-Тек ’’ оди чекор понатаму и од претежно прототипско поминува на сериско производство, односно диверзификација на дејноста асемблирање на електронски плочи. Производството вклучува употреба на електронски печатени плочи како основа на која понатаму се асемблираат компоненти од типот на микропроцесори, отпорници, кондензатори, транзистори конектори и сл.

Според бизнис планот, вредноста на инвестицијата изнесува околу €20 милиони со  вкупно планирани 300 вработувања во две фази. Првата фаза е €6 милиони , а втората изнесува €14 милиони. На почетокот од 2018 година бројот на вработени во оваа компанија во ТИРЗ Скопје 1, изнесува 99 лица, а се очекува тој број да достигне околу 300 вработувања.

Производите од компанијата во целост се  наменети за странските пазари, во најголем дел тие ќе се извезуваат во Германија, Скандинавските земји, Швајцарија и Велика Британија.