Директорот Димовски дел од Германско-Mакедонскиот Бизнис Самит
Директорот Гоце Димовски денес присуствуваше на Германско-Mакедонскиот Бизнис Самит во организација на AHK Северна Македонија и Германско-Македонската стопанска асоцијација (DMWV). На настанот присуствуваа бројни претставници на бизнис заедницата, владиниот и невладин сектор, а воведно обраќање имаше премиерот Христијан Мицкоски.
Димовски ги посочи тековните активности на Владата и Дирекцијата во однос на привлекувањето нови инвестиции во панел дискусијата на тема „Перспективи за инвестиции во Северна Македонија: Можности и предизвици“ каде учествуваа и Никола Љушев, извршен директор на Македонски Телеком, Катерина Бошевска, директорката на EOS Матрих Македонија, Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори, Владимир Стефановски, главен менаџер на Киел, Македонија и Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка.
„Германија е еден од најголемите економски партнери на Македонија, а за тоа сведочи и фактот што скоро една третина од компаниите инвеститори во Технолошко индустриските зони ни доаѓаат токму од оваа земја. Сметам дека ова е најдобар показател за довербата што германските компании ја имаат во нашето деловно опкружување, но истовремено, тоа е и потврда за квалитетот на нашата понуда како држава – не само во поглед на поволностите и инфраструктурата, туку и во однос на човечкиот капитал, институционалната поддршка и политиките што се водат од страна на новата Влада.“ – истакна Димовски.
Панел дискусијата понуди можност за отворен разговор и размена на гледиштата во однос на досегашните постигнувања во германско-македонските економски односи досега, како и самото влијание на присутните германски инвестиции во земјата врз економскиот развој на Македонија. Овој самит ја одбележува јубилејната 25 годишнина на германските асоцијации во земјава, со значајно достигнување во долгогодишното партнерство и успешниот економски развој помеѓу двете земји.