Директорот Димовски оствари средба со менаџментот на фабриката на БМЗ во ТИРЗ Скопје 1
Директорот Гоце Димовски денес оствари средба со менаџментот на фабриката на БМЗ, која веќе е оперативна одреден период, по поставувањето камен темелник во септември минатата година. Во рамки на средбата се разговараше за тековните активности на компанијата, како и плановите за во иднина.
Директорот Димовски истакна дека посветеноста на Дирекцијата за ТИРЗ заедно со Владата веќе носат резултати. Тој изрази особено задоволство за прилично брзата реализација на овој проект, земајќи предвид дека пред неполна година беше поставен камен темелникот.
„БМЗ е доказ дека подршката на новата Влада и целокупниот пристап резултира со ефикасност и ефективност во реализацијата на клучни инвестициски проекти. Горди сме што за помалку од една година фабриката е веќе оперативна и вработува повеќе од 200 наши сограѓани, нудејќи конкурентни плати и можности за професионален развој. Верувам дека БМЗ и понатаму ќе продолжи да придонесува за економскиот раст и развој на Македонија.“ – истакна Димовски.
Од страна на менаџментот на БМЗ беше истакната благодарност за поддршката од страна на Дирекцијата и Владата. Јелица Ивановска, генерален менаџер на фабриката посочи дека оваа гринфилд инвестиција претставува важен чекор во проширувањето на БМЗ, сѐ со една цел – одржлив и стабилен раст. Притоа, беше нагласено дека планот за проширување предвидува вкупниот број на вработени да биде помеѓу 700 и 1.000.
Оваа средба е дел од концептот за активна и транспарентна комуникација со сите инвеститори во ТИРЗ, кој веќе скоро една година се спроведува согласно стратешките цели на Дирекцијата. Целта е преку редовна комуникација да се поттикне долгорочна соработка, обезбедувајќи навремени решенија за предизвиците, како и да се согледа имплементацијата на инвестициските проекти.