Нова инвестиција вредна 25 милиони евра во ТИРЗ Скопје 2, 200 нови вработувања
Со официјално поставување на камен темелник денес се означи почетокот на градежните работи на новата фабрика на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ Скопје 2. Инвестицијата само во прва фаза ќе изнесува 25 милиони евра со 200 нови работни места, додека планот е да има и втора фаза каде што вкупната вредност ќе изнесува 50 милиони евра со број на 500 вработени.
Директорот на ТИРЗ со свое обраќање го поздрави почетокот на градежните работи, потенцирајќи ја важноста на проектот за целокупниот економски развој.
„Придобивките од оваа нова инвестиција се бројни. Инвестицијата само во првата фаза ќе изнесува 25 милиони евра со 200 нови работни места, додека планот е да има и втора фаза каде што вкупната вредност ќе изнесува 50 милиони евра со над 500 вработени. Продолжуваме и понатаму да ги поддржуваме сите инвестиции кои креираат висока додадена вредност во економијата со имплементирање на напредни технологии и креирање на нови добро платени работни места.“ – изјави Димовски.
На настанот присуствуваше Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, претседателот и основач на Шахтерм, Фарух Шахин, амбасадорот на Туркије Фатих Улусој, Мурат Евке, претседател на Румелисиад, како и останати ценети владини претставници.
Премиерот посочи дека ова е проект што ја развива економијата и ја потврдува стабилноста и напредокот на нашата земја, со што ќе придонесе за зајакнување на македонската индустрија и извоз.
„Денес поставуваме камен-темелник не само на една фабрика, туку и на нова иднина. Посебна благодарност и признание упатувам до Гоце Димовски, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, до неговата екселенција амбасадорот на Република Турција во Македонија, до членовите на Владата и на сите институции за нивната посветеност, професионалност и огромен придонес во реализирањето на овој проект.“
Фарук Шахин, претседател и основач на Шахтерм, ја претстави компанијата, при што истакна дека 60 отсто од своето производство го извезува.
Шахтерм со повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство моментално е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.