ТИРЗ ВОВЕДЕ МЕЃУНАРОДНИ ИСО СТАНДАРДИ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА И КВАЛИТЕТ ВО РАБОТАТА

Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони го имплементираше меѓународниот Стандард за спречување корупција ISO 37001:2016, со што стана една од првите државни институции со интегриран систем за антикорупција. Воведувањето на овој меѓународен стандард овозможува имплементација на соодветни механизми за превенција и откривање, како и конкретни мерки за борба против корупцијата. ТИРЗ го воведе и Системот за управување со квалитет во работата согласно меѓународниот ISO 9001: 2015 стандард кој треба да ја унапреди работата на Дирекцијата со цел намалување на трошоците и поголема ефикасност.

„Со стандардизацијата целта е воведување на политика на нула толеранција за мито и корупција. Ова е важен елемент во привлекувањето на странски инвестиции со повисок квалитет кој е клучен во новиот концепт на ТИРЗ. Доброто владеење во секоја организација вклучува демонстрација на одговорност и воспоставување на стандарди со кои ќе се унапреди системот на функционирање и ќе се зголеми квалитетот на работата и услугите. Сертифицирањето е спроведено на наша иницијатива и е чекор кој верувам дека ќе придонесе кон зголемена доверба во институцијата. Интегритетот, транспарентноста и борбата против корупцијата се наши основни вредности врз кои се темели и новиот концепт ,“ вели Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.

Со воведувањето на ИСО стандардите за квалитет и антикорупција се дефинираат внатрешните и екстерните процедури за менаџмент, рано препознавање, разгледување и подобрување на системот против поткуп како и на системот за квалитет и подобрување на процесите во рамки на Дирекцијата. И двата воведени стандарди ги вклучуваат и вработените и ангажираните лица во ТИРЗ, нивната одговорност и работа како и примена на принципите дефинирани во политиките на Дирекцијата.

ИСО стандардот против корупција дава насоки за функционирање на системот за управување кој е така дизајниран за да и помогне на организацијата да го спречи, открие и реагира на поткуп и да се усогласи со законите против поткуп и доброволните обврски применливи за нејзините активности. ИСО стандардот за квалитет пак меѓу другото треба да придонесе кон рационално искористување на времето и ресурсите, унапредување на квалитетот на услугите, зголемена работна способност и продуктивност како и оптимизација на постоечките процеси.

Процесот на имплементација на системите се одвиваше во изминатите девет месеци. Сертификациското тело Интерцерт коe ja изврши сертификациската проверка , на годишно ниво ќе  проверува исполнувањето на барањата  стандардите и преку наодите од проверките ќе дава соодветни препораки за понатамошно унапредување на работата на ТИРЗ.