Успешна средба со Jапонската Организација за Надворешна Трговија (JETRO) Виена
Директорот Гоце Димовски имаше успешна работна средба со Татсуо Камино, генерален директор на Jапонската Организација за Надворешна Трговија (JETRO) Виена. На средбата се разговараше за досегашната соработка, како и можностите за нејзино продлабочување, сѐ со цел да се постигнат нови инвестиции од јапонските компании.
Димовски ја потенцираше конкурентноста на Македонија која нуди поволни услови за инвестирање, со оглед на стабилната економска клима, развиената инфраструктура и стратешката локација.
„Економската соработка со Јапонија ќе донесе нови можности за дополнителен развој и иновации, секако со додадена вредност за целокупната економија и подобрување на конкурентноста на македонскиот пазар. Како институција, во соработка со Владата, напорно работиме за унапредување на условите што директно ќе влијаат на присуството на јапонските компании во иднина.“ – посочи Димовски.
Од страна на Татсуо Камино, генерален директор на Jапонската Организација за Надворешна Трговија (JETRO) Виена, беше изразено особено задоволство за средбата, со очекување за плодна соработка. Тој ја нагласи важноста на партнерството меѓу двете земји кое ќе понуди нови можности за двете страни.
„Многу јапонски компании не се доволно информирани за условите кои ги нуди Македонија, за жал. Така, нашата цел во однос на оваа соработка е позитивно да влијаеме на истото и да ја подобриме размената на информации.“ – нагласи Татсуо Камино.
Во рамки на средбата исто така беа разгледани и конкретни чекори за олеснување и зголемување на присуството на јапонските компании во Македонија, преку организација на најразлични активности, семинари и бизнис-форуми. Ова партнерство се очекува да донесе нови инвестиции кои ќе имаат додадена вредност, како и зголемување на конкурентноста на државата на мапата на СДИ.