Успешно претставени можностите за инвестирање пред стопанската комора на Шарџа и стопанската комора на Дубаи

Во рамки на владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, каде е и директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, денес беше остварена успешна средба со претседателот и раководството на една од најзначајните комори на ОАЕ, комората Шарџа, како и комората на Дубаи, каде беа презентирани можностите за инвестирање кои ги нуди Македонија и ТИРЗ.

Директорот Димовски, во својата презентација ги посочи клучните потенцијали на Македонија и ТИРЗ како атрактивна локација за странските инвеститори. Беше нагласена стратешката географска позиција на Македонија, даночните политики, квалификуваната работна сила, како и развиената инфраструктура во Технолошките Индустриски Развојни Зони. Воедно, беа презентирани можностите за инвестирање во ИКТ секторот, автомобилската индустрија, електроника, фармација, енергетика, здравство, туризам, агробизнис и прехранбена индустрија.

Во рамки на презентацијата, беа посочени бројни успешни примери на веќе постоечки компании од најразлични сектори во Македонија, како Џонсон Мети, Магна, БМЗ, Киел, Алкалоид, Rumble, Slice, како и веќе постоечките партнерства помеѓу двете држави, преку компании како Еколог, Алказар, Леорон и Салиенс Консалтинг.

Оваа презентација е само дел од предвидените кои треба да бидат одржани во наредните неколку дена пред повеќе потенцијални инвеститори и бизнис заедници од Обединетите Арапски Емирати, сѐ со една цел, да се зајакне интересот за нови потенцијални инвестиции од мултинационални компании.