БИЗНИС ФОРУМИ ВО БЕЛГИЈА И ХОЛАНДИЈА

По презентација на инвестициските можности пред бизнис заедниците на Сингапур и Јапонија, владиното роуд шоу продолжи во Белгија и Холандија. Премиерот Никола Груевски заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак и директорот на Дирекцијата за Технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо, во Брисел и Хаг ги презентираа можностите за водење бизнис кои ги нуди Република Македонија.
Акцент на форумот во Брисел беше ставен на туризмот и можноста за привлекување белгиски туристи, на земјоделството или можноста за поинтензивен извоз на земјоделски производи од Македонија, како и на инвестициона соработка, односно привлекување странски директни инвестиции од белгиски компании на македонска територија. Во своето обраќање на форумот пред стопанствениците, Груевски меѓу другото ги појасни конкурентските можности и услови кои ги нуди Република Македонија, како поволна бизнис дестинација за инвестирање.
Директорот на Дирекцијата за Технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо и другите претставници на владиниот економски тим ги презентираа достигнувањата на македонската економија, придобивките од инвестирање во Република Македонија како и поволностите кои се нудат на инвеститорите во Технолошко-индустриските развојни зони.
Белгиските бизнисмени беа поканети да ја посетат Република Македонија и да ги искористат нејзините предности при реализација на нивните бизнис планови.
На бизнис форумот во Хаг присуствуваа преку 70 компании и голем број од нив изразија сериозен интерес за инвестирање во Македонија.
Владиниот тим е задоволен од е задоволен од случувањата на бизнис форумите и интересот на странските компании за инвестирање во Македонија во рамки на роуд шоуата.
-Овие роуд шоуа, се корисни бидејќи многу луѓе прв пат слушаат за Македонија и за тоа како може да се направи бизнис и кои се условите за тоа. Некои од нив се шокирани во позитивна смисла од позитивните можности за правење бизнис во Македонија. Се сретнуваме со секој што бара средба, без никавка селекција. Покажуваме огромна отвореност и можност за директен пристап до властите, што не секаде и во секоја држава може да го добијат. Покажуваме отвореност  што е и целта на моето присуство, односно испраќаме сигнал дека не само некои од институциите, туку и членовите на владата и премиерот директно се заинтересирани да им помогнат на странските инвеститори да дојдат во Македонија, рече Груевски.