ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ВО ТИРЗ ТЕТОВО

Во просториите на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони се одржа прес конференција по повод Јавниот повик за учество во претквалификација во постапка за доделување на договор за јавно-приватно партнерство за развој, финансирање, управување и вршење работи на Основач на ТИРЗ Тетово.
“Во технолошко-индустриската развојна зона Тетово се планира да се изградат до 30 индустриски капацитети, по принципот на јавно-приватно партнерство, а во фабриките се очекува да се вработат околу 7.000 луѓе. Од денеска до први август 2011 година, сите заинтересирани домашни и странски компании може да аплицираат на повикот за јавно-приватно партнерство, по што ќе следи фазата на квалификација не подолга од 40 дена”, соопшти Наташа Хаџи-Лега, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.
“Владата останува на концептот на технолошки индустриски развојни зони како модел за привлекување инвестиции зашто покажа дека функционира успешно во светски рамки. Но, паралелно го воведуваме и јавното приватно партнерство. Тоа значи дека ги прошируваме можностите  со нови модели за развој на технолошките индустриски развојни зони. Од компаниите, независно дали се странски или домашни, освен финансиска стабилност, ќе се бара и искуство во развивање на слободните зони“, изјави денеска министерот за економија, Фатмир Бесими.