ТИРЗ и ИФЦ со нова програма за технолошка подготвеност на домашните компании

Дирекцијата за ТИРЗ и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), која дел од групацијата на Светска Банка потпишаа договор за соработка и партнерство во чии рамки ќе се работи на програма за подготовка на домашните компании за поголема вклученост во глобалните вредносни синџири.

„Наша цел како држава и како ТИРЗ е на домашните компании да им обезбедиме можности да земат поголем дел од колачот во зоните каде годишно се создава извоз близу 4 милијарди евра, или 50% од вкупниот извоз во земјава. Заедно со нашите меѓународни партнери од ИФЦ работиме на практични механизми со кои ќе им помогнеме да го подигнат нивото на технолошка подготвеност, да имаат зголемена продуктивност и да добијат меѓународно признаени сертификати со што ќе влезат во синџирите за набавка, особено кај компаниите во зоните. Ова значи долгорочно и стратешко вложување во повисоки плати за сите наши сограѓани, нови вработувања и дејности, како и засилен рамномерен економски развој,“ изјави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Тој најави дека во рамки на овој договор ќе развива мерка со која покрај советодавна, домашните компании ќе добијат и финансиска поддршка за технолошки напредок.

„Сакаме успешниот модел кој го развивме во ФИТР, за поддршка за технолошки развој, да го унапредиме и во ТИРЗ.  Заедно со реномираниот меѓународен партнер, ИФЦ креираме програма со која домашните компании ќе станат конкурентни и на глобално ниво. Овој модел потоа би го пресликале и на регионално ниво, бидејќи верувам дека компаниите од земјите во регионот се соочуваат со слични предизвици како нашите кога им пристапуваат на странските инвеститори за соработка,“ рече Деспотовски.

„Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) има за цел да и помогне на Северна Македонија да привлече нови приватни инвестиции кои ќе придонесат кон опоравување од кризата предизвикана од КОВИД-19“, рече Ари Нам, регионален менаџер на ИФЦ за Централна и Југоисточна Европа. „Денес потпишавме договор со Дирекцијата за технолошко развојни зони за да им помогнеме на локалните производствени фирми да се поврзат и да влезат во регионални синџири на вредности како снабдувачи, кое ќе придонесе кон создавање нови работни места и зголемување на конкурентноста на земјата“.

Преку овој нов модел на соработка, ТИРЗ се вклучува во советодавната програма на ИФЦ преку која  во Северна Македонија, Србија и Косово треба да се овозможи финансирање од 45 милиони американски долари за производствените фирми. Во рамките на овој проект ИФЦ креираше и дигитална платформакоја од јуни ја започна пилот фазата со 100 компании од регионот. Целта е да се зголеми поврзаноста помеѓу фирмите од Западниот Балкан и регионалните и глобалните синџири на вредност како и да се подобрат производствените капацитети на компаниите што ќе придонесе економското закрепнување на регионот од пандемијата Ковид-19.

Проектот во чии рамки се остварува соработката на Дирекцијата за ТИРЗ со ИФЦ е финансиски поддржан со билатерални фондови од Владата на Швајцарија и е предвидено да трае до 2025 година.

Во прилог  и линкови од изјави:

https://files.fm/f/8ue3dygge

https://files.fm/f/wsv95cvya