ТИРЗ прогласен за лидер во регионот од Capital Finance international

Технолошко индустриските развојни зони се наградени за најдобри слободни економски зони – Лидер на Балканот за 2021 година. Наградата ја доделува британскиот магазин и портал CFI.co (Capital Finance International), со седиште во Лондон, кој е специјализиран за економски анализи и коментари за финансиските пазари низ целиот свет.

 

Во одлуката на судискиот панел се нагласува дека ТИРЗ не е „само развојна институција, туку пример за ефикасен деловен концепт предводен од професионалци“. Меѓу другото се истакнува дека економските политики на Владата и новиот концепт на привлекување инвестиции на ТИРЗ придонеле Северна Македонија да биде препознаена како нов деловен рај за Европа. Судискиот панел на CFI.co ја нотира позитивната бизнис клима во земјата и ја препознава улогата и придонесот на ТИРЗ, за што и се доделува наградата. Како клучни фактори за одлуката се наведени новиот концепт на ТИРЗ кој меѓу другото вклучува индивидуализирани пакети базирани на анализа на 10 годишни финансиски проекции и новиот систем за грижа на корисници кој е усогласен со меѓународните практики.

 

Програмата за награда на CFI.co секоја година идентификува поединци, компании и организации кои се пример за добра пракса и со својата работа креираат додадена вредност. Наградата се доделува поради супериорни перформанси, извонредност и иновативен пристап во работењето. Првичните номинации на компании, организации и институции се независни од нивните претплатници, медиуми и различни организации, како што се групата на Светска банка, разни тела на ОН и ЕУ и други истакнати организации со кои изданието е партнер. Специјален аналитички тим водејќи се според неколку главни критериуми истражува, анализира и прави листа на потесен избор која му се доставува на судискиот панел составен од меѓународни експерти кој ја носи конечната одлука.

 

Инаку како резултат на новиот концепт на привлекување инвестиции на ТИРЗ и Владата, од почетокот на годинава во ТИРЗ се склучени договори со вкупен обем на инвестиции од над 120 милиони евра кои во наредниот период треба да донесат 1970 нови работни места, над 2 милијарди приходи, а само овие компании во државата меѓу другото треба да уплатат над 70 милиони евра за придонеси и данок на добивка. Во моментов  се преговара со 30 компании за вкупен обем на инвестиции над 400 милиони евра.