ЈАВЕН ПОВИК ЗА ТЕХНИЧКА ПОМОШ ЗА РАЗВОЈ НА ДОБАВУВАЧИ

Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ) во партнерство со Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата на Светска банка, поддржани од Швајцарскиот Секретаријат за Економски прашања покренува нова иницијатива која е одговор и на пазарните можности и на предизвиците со кои се соочуваат домашните фирми, а кои ќе бидат насочени кон надградба на капацитетите и знаењата што им се достапни на домашните фирми преку техничка помош за да бидат во можност да ги исполнат високите стандарди на конкурентност поставени од меѓународните пазари и мултинационалните фирми.

Во Северна Македонија, главни партнери на ИФЦ се Министерството за финансии (на ниво на креирање на политики) и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (спроведување на програма за развој на добавувачи). Потпишан е Меморандум за разбирање (МОУ) со Министерството за финансии и Дoговoр за советодавни услуги со ДТИРЗ, потпишан во јули 2021 година.

Поддршка за ДТИРЗ е фокусирана на дизајнирање и спроведување на иницијатива за развој на добавувачи во Северна Македонија и тоа со презентирање на најдобрите меѓународни и регионални практики, директна поддршка на клиентот во спроведувањето на пилот иницијативата за развој на добавувачи, спроведување на проценка и преглед на успешноста на пилот програмата и давање препораки за подобрување како и обезбедување на советодавни услуги на избрани компании од производствениот сектор.

Во рамките на соработката на Програмата за развој на добавувачи, ДТИРЗ и ИФЦ на ден 29.12.2023 година, објавуваат јавен повик за техничка помош за развој на добавувачи.

Преземи апликација
Аплицирај
Презентација
Prezantimi

Цел и опис на поддршката

Целта на Програмата за развој на добавувачи е да ги поддржи средните и големите домашни компании да ги исполнат барањата на мултинационалните компании присутни во Република Северна Македонија како и да ги задоволат побарувањата од пазарите надвор од Република Северна Македонија со цел да станат нивни добавувачи и да се интегрираат во регионалните и/или глобалните синџири на снабдување.

Програмата за развој на добавувачи ги има следниве специфични цели:

  • Зголемување на деловните можности за домашните компании:
    • Зголемување на директниот и индиректниот извоз
    • Отворање на нови работни места
  • Подобрување на перформансите на домашните компании:
    • Подобрување и приспособување на финалните производи во согласност со побарувачката и трендовите на меѓународните пазари
    • Подобрување на можностите на домашните компании
    • Усогласување на деловната култура на домашните компании со меѓународните пазари
  • Зголемување на инвестициската конкурентност на Република Северна Македонија:
    • Подобра интеграција на странските директни инвестиции во националната економија
    • Подобрена позиција на Република Северна Македонија како инвестициска дестинација
    • Зголемување на конкурентноста на националната економија

Поддршката што ја обезбедуваме е техничка помош односно советодавни услуги од реномирани меѓународни и локални консултанти и експерти.

Преку овој повик ќе се обезбеди техничка помош која ќе биде насочена кон зголемување на конкурентноста на производствените компании, помагајќи им да бидат подобро подготвени во процесот на зголемување на нивната инвестициска подготвеност и зголемување на нивните извозни способности.

Што нуди техничката помош

Техничката помош ќе се состои во идентификација на предностите и недостатоците на компаниите во следните области:

  • конкурентна стратегија и системи за управување,
  • производни операции,
  • воведување нов производ и управување со животниот циклус и
  • управување со синџирот на снабдување

Идентификуваните предности и недостатоци ќе се користат со цел идентификација на работните текови, активностите и модулите за подобрување кои ги комбинираат наставата, тренингот и менторската поддршка.

Компаниите првично ќе извршат самопроценка на моменталната состојба во однос на конкурентноста, земајќи ги предвид нивните различни групи на производи, притоа создавајќи целосна слика за работењето на компанијата. Откако ќе се изврши самопроценката, тим од експерти ќе ги посети компаниите и ќе спроведе проценка на способноста од која ќе се изработи акциски план за подобрување. Меѓународната финансиска корпорација ќе обезбеди вебинари, онлајн менторска поддршка и коучинг за поддршка на спроведувањето на акцискиот план за избраните компании. Обврска на компаниите е да обезбедат соодветно посветен персонал кој ќе им биде на располагање на експертите.

По успешно завршување на техничката поддршка компаниите ќе имаат можност да побараат финансиска поддршка за спроведување на инвестициските планови во рамките на програмите на Дирекцијата и Владата.

Во оваа фаза од програмата, преку овој повик, планирано е обезбедување на поддршка за 10 компании.

Критериуми за подобност на апликантот

  • да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
  • годишните приходи на апликантот да не бидат под 2.000.000 (два милиони) евра во денарска противвредност, според финансиските извештаи за претходните две фискални години при што доволно е во една од двете години да бидат над бараниот минимален праг на приходи или просечниот број на вработени согласно финансиските извештаи за претходните две години да не биде под 50 вработени при што доволно е во една од двете години да бидат над бараниот минимален праг на просечен број на вработени;
  • апликанти со над 3 (три) години на постоење до моментот на аплицирање да немаат остварена загуба согласно финансиските извештаи за последните две календарски години,
  • да биде со минимум 50.1% македонска сопственост
  • да не е во државна/јавна сопственост
  • против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;

Дејности кои не се прифатливи за аплицирање на повикот

  • производствени, трговски или услужни дејности кои не се во согласност со закон;
  • производство и трговија со тутун, дестилирани алкохолни пијалоци и сродни производи (пијалоци кои содржат алкохол, но не се добиени исклучиво со дестилација, туку за нивно производство може да се користи и природно дестилиран алкохол (добиен од различно, но природно потекло) со давање на различни растителни или други производи, при што преку мецерација, купажа (мешање), ароматизирање, боење, стареење и слично се добиваат различни алкохолни пијалаци во кои содржина на етил алкохол најчесто е повисока од 15%, а во нив може да бидат вклучени различни видови на ликери и коктели и слично);
  • производство и трговија со оружје и муниција од било кој вид;
  • казина и други правни лица за организирање игри на среќа и други забавни игри;
  • истражување, развој или технички барања кои се однесуваат на електронски податоци, програми или решенија, кои сe однесуваат на:
    а) поддршка на која било активност која се вбројува во горенаведените сектори од алинеите 2,3 и 4 на овој член;
    б) интернет коцкање и онлајн казина и/или
    в) порнографија;
  • природно – научни истражувања, развој или технички апликации кои се однесуваат на човечкото клонирање за истражување или за терапевтски цели; и/или за генетски модифицирани организми (ГМО).

Критериуми за евалуација на предлог проект

  • Пазарен потенцијал – 40 поени;
  • капацитет на проектниот тим – 25 поени;
  • квалитет на проектот – 25 поени;
  • влијание – 10 поени.

Критериумите и подкритериумите за евалуација на проектите се наведени во образецот – Табела за евалуација.

Начин на аплицирање

Сите обрасци за аплицирање можете да ги преземете на “Преземи апликација”.

Уредно да се пополнат, потпишат и печатираат:

  • уредно пополнет образец за проектна апликација;
  • изјава на Апликантот за прифаќање на условите на Дирекцијата;

Документација која ја обезбедува Апликантот:

  • кратки биографии на лицата кои го сочинуваат проектниот тим (најмногу за 5 (пет) лица);

Проектната апликација, (во Word и PDF формат) и биографиите треба да бидат доставени на македонски и да се прикачат на формуларот за аплицирање со клик на копчето “Аплицирај”.

Рок за аплицирање

Рокот за аплицирање за јавниот конкурс е до 15.02.2024 година, до 14.00 часот.

Дополнителни информации

За сите дополнителни информации можете да нѐ контактирате на следната електронската адреса: supplierdevelopment@fez.gov.mk