ДЕСПОТОВСКИ – СЕ ФОКУСИРАМЕ НА ПОКВАЛИТЕТНИ ИНВЕСТИЦИИ КОИ НОСАТ ПОВИСОКИ ПЛАТИ

Деспотовски на романските компании им ги презентираше можностите за инвестирање во земјава и новиот концепт за привлекување на инвестиции на ТИРЗ.
„Она што не прави различни е новиот индивидуализиран пакет за државна помош, креиран врз анализа на инвестициски планови и профил на компанијата, како и новиот систем за грижа на корисници, таканаречен систем “на една влезна точка“ кој нуди поедноставен пристап до услугите за компаниите и персонализирана поддршка,“ рече Деспотовски.
Деспотовски посочи дека инвеститорите веќе го препознаваат новиот концепт и поволната бизнис клима во земјава.
„Само во изминативе неколку месеци успеавме да покренеме интерес кај над 30 компании, актуелни и потенцијални инвеститори за обем на инвестиции од над 425 милиони евра, кои треба да донесат нови 8500 работни места. Ова е доказ дека со таргетирани сет мерки можеме да креираме нов развоен концепт на македонската економија кој ќе се базира на инвестиции од кој ќе имаат бенефит и компаниите, и државата, но и граѓаните,“ посочи Деспотовски.
Тој истакна дека пандемијата покажа дека фокусот само на еден сектор е ризик, како примерот со автомобилската индустрија кај нас, поради што ТИРЗ ја менува политиката и се отвора кон привлекување инвестиции и од другите сектори.


