НОВА ФАБРИКА НА „ЏОНСОН КОНТРОЛС“ ВО СТРУМИЦА И 1.500 ВРАБОТУВАЊА

Американската компанија „Џонсон Контролс“ отпочна со изградба на новата фабрика во Технолочко-индустриската развојна зона Струмица. Оваа инвестиција од 20 милиони долари ќе отвори 1.500 нови работни места во Струмичкиот регион.

Во новиот производен капацитет, на површина од 13 илјади метри квадратни, ќе се произведуваат делови за прекривки за седишта за автомобилската индустрија. Ќе се извезуваат на европскиот пазар каде вакви производи „Џонсон Контролс“ пласира и од својата фабрика во Штип. Вкупниот број на вработени на оваа американска компанија во Македонија, со новиот капацитет во Струмица, ќе изнесува околу 3.300.

– Успешниот развој на нашата фабрика во Штип и успешната соработка со македонската Влада неколку години наназад го подготвуваше нашиот пат за следниот чекор за новата фабрика во Струмица, рече Владимир Теплик, потпретседател на трим групацијата на „Џонсон Контролс“ за Европа
Градењето на новата фабрика, истакна Теплик, е значајна инвестиција во Струмица и показател дека веруваме во понудените можности. Заедно со штипската фабрика „Џонсон Контролс“ ќе вработи 3.300 лица во Македонија, наведе Теплик.

Новиот производствен капацитет на „Џонсон Контролс“ во Струмица, според директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо, се очекува да биде готов до април 2017 година. Основа за тоа е веќе почнатото пробно производство на американската компанија во браунфилд инвестиција во овој град за што веќе има ангажирано 400 работници. До крајот на годината се планира тој број да се зголеми на 500.

– Особено е важно што само неколку години по отворањето на фабриката во Штип каде моментно работат околу 1.800 лица, не само од Штип туку и од околните градови, што влијае на намалување на невработеноста, компанијата доаѓа во Струмица. На одлуката за инвестирање претходеше период на опсежна анализа, разговори, состаноци, но како резултат на успешноста на економските политики за подобрување на бизнис климата компанијата повторно ја избра Македонија како најповолна дестинација за реализирање на својата инвестиција во ЈИЕ, изјави Мизо.