РУСКАТА КОМПАНИЈА ПРОТЕК ГРУП ГРАДИ НОВА ФАБРИКА ВО ТИРЗ СКОПЈЕ 1

Со свечено поставување камен-темелник денеска во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 почна изградбата на новата фабрика на руската компанија Протек Груп, чиј сопственик г-дин Јакунин Вадим Сергеевич ја регистрира компанијата за природни и здрави производи Продис ДОО во Македонија.

На оваа свеченост пригоден говор одржаа Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, Вицепремиерот Зоран Ставрески, Претседателот на бордот на директори на Протек Груп, Јакунин Вадим Сергеевич, Директорката на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Наташа Хаџи-Лега и Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, Виктор Мизо.

Сопственикот на Протек Груп, Јакунин Вадим Сергеевич појасни дека станува збор за инвестиција во вредност од пет милиони евра која ќе се одвива во две фази.

– Продис ќе произведува хомеопатски лекови, органски и неоргански производи од житарки, како и органски и неоргански чаеви, витамини и минерали. Ќе извезува покрај во Руската Федерација и на пазарите во поранешните советски и југословенски републики и во прекуокеанските држави, рече Јакунин.

Според него, мисијата на Продис е да понуди хомеопатски лекови и здрави органски производи за подолг и поздрав живот со одбрано потекло, висок квалитет и конкурентни цени. Во првата фаза, во наредните две години, треба да профункционира првиот дел од производниот капацитет на фабриката на површина од 4.000 метри квадратни. Во таа фаза ќе бидат вработени 130 лица. Во втората фаза, до 2015 година, ќе следи доградба на производниот објект за уште 3.500 метри квадратни и 130 нови вработувања. Тогаш ќе се обезбеди целосно производство на хомеопатски лекови од суровина до финален производ.

Премиерот Никола Груевски го истакна значењето на првата руската инвестиција во фармацевтската индустрија и изрази надеж оти ќе следат руски инвестиции и од другите сектори покрај присутните во енергетскиот и рударскиот.

– Токму од Македонија гигантот Протек преку нивната овдешна компанија Продис ќе ги пробива своите производи во Југоисточна Европа, Русија и прекуокеанските пазари во САД и Австралија. Со тоа американскиот Џонсон контролс, британскиот Џонсон Мети, италијанскиот Технокозе и американскиот Кемет електроникс добиваат нов сосед, рече Груевски, оценувајќи дека Бунарџик кој пред пет години беше ливада денес прераснува во вистинска индустриска база во која покрај компонентите за автомобилската индустрија свое место најде и фармацевтската.

Освен во Бунарџик инвестиции се очекуваат и во слободните економски зони во Штип и во Тетово.
– За Штип се заинтересирани две крупни компании и веќе се пред одлука за инвестирање, рече Груевски, оценувајќи дека трендовите за инвестирање ќе продолжат како резултат на владините политики за поттикнување и задржување стабилен економски раст и постојано унапредување на бизнис-климата.
Според Груевски, инвестицијата на Продис е значајна и поради индиректните вработувања, бидејќи, како што рече, компанијата планира освен сопствени плантажи за разни билки да склучи и договори за гарантиран откуп и со многу индивидуални производители.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека успешните економии се карактеризираат со нови инвестиции, отворање нови работни места, нови фабрики и инвестиции во инфраструктурата.
– Новата инвестиција во Бунарџик ќе помогне да се намали технолошкиот јаз меѓу македонските и странските компании, а со директните и индиректните вработувања ќе се ублажи и проблемот на невработеноста, оцени Ставрески. Вицепремиерот истакна и дека е значајно што 95 отсто од производите на Продис ќе бидат наменети за извоз при што ќе се користат македонски суровини и домашна работна рака. Ќе може да работи профитабилно бидејќи стратешкиот инвеститор е добро етаблиран на пазарите.

Двата договори, Договорот за долготраен закуп на градежно земјиште и Договорот за државна помош со кои отпочна реализацијата на инвестицијата, претходно во македонската Влада ги потпишаа директорот на Продис ДОО, Коста Димов и првите луѓе на Дирекцијата за ТИРЗ и на АСИПИРМ, Наташа Хаџи-Лега и Виктор Мизо, во присуство на премиерот Груевски и високи претставници на руската групација.

Протек Груп е најголема фармацевтска компанија во Русија со годишен обрт од 4 милијарди американски долари, активна во сите главни сегменти на фармацевтската индустрија како што се производство на лекови, продажба и дистрибуција на фармацевтски производи како и препарати за убавина и здрав живот. Групата има преку 12 илјади вработени.

Протек Груп е составена од вкупно 7 компании, а трите компании ЦВ Протек, Сотекс и Ригла се носители во групата во своите сегменти од фармацевтската индустрија.

ЦВ Протек е главен национален дистрибутер на лекови, препарати за убавина и здрав живот во Руската Федерација. Активна е од 1990-та година и ги снабдува со медикаменти сите 83 конституивни територии на Руската Федерација со вкупен складиштен простор од преку 170 илјади метри квадратни.

Сотекс е водечката компанија во производствениот сегмент. Фабриката се наоѓа во регионот на Москва и претставува најсофистицираниот производител на медицински производи во Руската Федерација.

Компанијата Ригла менаџира со ланец од вкупно 577 аптеки во 26 региони на Руската Федерација и Украина.