Директорот Димовски дел од економскиот форум  „Трка до дното“ – Транспарентност на државната помош за привлекување и поддршка на инвестиции во Западен Балкан

Во организација на институтот за економски истражувања и политики, Finance Think, денес се одржа економскиот форум  „Трка до дното“ каде беа презентирани наодите од најновата студија за видовите и износите на државна помош за домашни и странски компании, со осврт на транспарентноста и одговорноста на надлежните институции во земјите од Западен Балкан.

Форумот го отворија Благица Петрески, Извршен директор на Finance Think и Адријана Лавчиска, Програмски менаџер во Фондација Отворено Општество – Западен Балкан, кои дадоа воведни излагања за клучните наоди и постигнувања на проектот.

Како клучен говорник беше Елена Калистру, членка на ЕЕСС – Европски економски и социјален комитет и известувач за мислењето на ЕЕСК „Зајакнување на фискалната транспарентност преку партиципативно буџетирање во ЕУ“.  Таа ја нагласи клучната улога на фискалната транспарентност, особено фокусирајќи се на транспарентноста на државната помош.

Во рамки на панел дискусијата, владини претставници, претставници на бизнис секторот и економски истражувачи разговараа за мерките за државна помош во земјите од Западен Балкан и нивното влијание врз потенцијалните инвеститори при изборот на дестинација за инвестирање.

Директорот Димовски истакна дека новата Влада, во соработка со ТИРЗ, активно работи на креирање поатрактивна, поодржлива и поконкурентна средина за странските инвеститори, при што моментално се работи на одредени акти, сѐ со една цел, а тоа е Македонија да се усогласи со глобалните трендови кои се случуваат во делот на привлекување на странски директни инвестиции и државна помош.

„Новата влада има сериозен приоритет во делот на креирање на нова атрактивна средина за привлекување на странски инвестиции, а доколку се анализара периодот од неколку месеци наназад, може да се согледа дека тоа е така“, изјави Димовски.

„Од аспект на државната помош нудиме сериозен пакет на мерки, кои имаат една цел, а тоа е да привлечеме квалитетни странски директни инвестиции, кои ќе имаат високо технолошко призводство, инвестиции кои ќе имаат свој центар за развој и истражување и ќе креираат високо платени работни места, а воедно ќе креираат извоз со цел да се креира многу поголема вредност во самата економија.“ – посочи тој.

Останати говорници на панел дискусијата беа: Антје Ванделт, како претставник на АХК Македонија, Деспина Туманоска од Finance Think, Лазар Ненезиќ, претставник на Министерството за регионален инвестициски развој Црна Гора, Амела Курта од Центарот за развој и истражување на општествените науки (CDESS), БиХ и Павле Медиќ од Центарот за напредни економски студии во Србија.