Нова потенцијална инвестиција на компанијата ИНА Сиском / Конзорциум ИНА – Скопје, официјален претставник и изведувач на Норвешката компанија Ки-тех Осло
Денес, директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски имаше работна средба со Стефан Поп Дучев, претседател на македонско-норвешкиот конзорциум ИНА, која е официјален комерцијален претставник на Норвешката компанија Ки-тех Осло, како и нивен изведувач (EPC contractor), која произведува и извезува хидро-кинетички централи наменети за производство на 100% зелена енергија. Во рамки на средбата беше истакната потребата од производство на овој нов тип на централи, базирани на Германска патентирана технологија, со оглед на растечкиот интерес на пазарите ширум светот, за овој нов тип на технологија за производство на електрична енергија, која не користи гориво, нема штетна емисија на гасови или други загадувачи, бара мала површина (1 MW = 40 m2), има брзо време на градба (1 MW = 4 месеци), и произведува многу евтина енергија, во рангот на 13 EUR/MWh. На состанокот се разговараше во однос на новата потенцијална инвестиција од страна на компанијата, која би ја означила првата регионална фабрика за комплетно производство на вакви хидрокинетички централи.
Директорот Димовски со задоволство истакна дека Технолошко Индустриските Развојни Зони се секогаш отворени за нови инвестиции, особено за оние кои допринесуваат за побрз економски раст и одржлив развој, олеснувајќи ја зелената транзиција.
„Ваквите зелени инвестиции се од големо значење за понатамошниот раст и развој како за Македонија, така и за поширокиот регион. Преминувањето кон зелена енергија е клучно, а дирекцијата за ТИРЗ, во соработка со Владата е секогаш тука да ги поддржи ваквите одржливи проекти кои дополнително отвораат нови работни места за нашите граѓани.” – посочи Димовски.
Претседателот на компанијата, Стефан Поп Дучев изрази особено задоволство, со очекување за понатамошна успешна реализација на проектот и соработката.
„Се работи за најсовремена технологија која допрва го доживува својот врв на побарувачка. Ова ќе биде првата фабрика во регионот чија главна цел ќе биде снабдување на балканскиот и европскиот пазар. Технологијата веќе се работи во Тајланд, а започната е реализација на вакви проекти во Узбекистан, Малезија, Абу Даби, Ирска, Косово, Португалија, a поради големата ефикасност и одржливост, интересот расте и овде.” – истакна претседателот Поп Дучев.
Имплементацијата на вакви централи за производство на евтина и зелена енергија дава нова можност која може да им се понуди на постојните и новите инвеститори во зоните во Македонија, за нивно снабдување со евтина енергија, како посебен и уникатен модел за привлекување на странски инвестиции и нивна профитабилна работа во индустриските зони во Македонија.
Станува збор за производство на централи кои обезбедуваат континуирано генерирање енергија 24 часа, 365 дена во годината, без да се користи никакво гориво, независно од временските услови. Поконкретно, за производството на електрична енергија се користи најсовремена Германска патентирана технологија, која е прифатена и кредитирана од Светска Банка, ЕБОР, KfW и сите други комерцијални банки, кои користат фондови за финансирање на 100% зелена енергија. Проектот е многу атрактивен поради уникатното решение кое ја зголемува изводливоста и дава брз поврат на инвестицијата (2-3 пати поизводливи од соларните и ветерните централи).