Директорот Гоце Димовски денес имаше работна средба со менаџментот на германската компанија Heidelberger Druckmaschinen, на која се разговараше за досегашните активности, како и напредокот на инвестицискиот процес кој е во напредна фаза. Беа разгледани клучните аспекти поврзани со реализацијата на инвестицијата, вклучително и изборот на потенцијалната локација во рамки на ТИРЗ Скопје и ТИРЗ Штип, динамиката на спроведување и следните чекори.
Директорот Димовски истакна дека континуираната комуникација во текот на целиот процес е од особено значење, нагласувајќи дека Дирекцијата за ТИРЗ, заедно со Владата остануваат целосно посветени на обезбедување конкурентни услови и сигурна бизнис средина.
Ахим Мергенталер, оперативен директор на Heidelberger Druckmaschinen, посочи дека компанијата продолжува со детална анализа на сите услови, при што беше изразено задоволство од досегашната соработка и отворената и транспарентна комуникација со институциите. Тој ги претстави тековните активности, како и плановите за инвестицијата во рамки на ТИРЗ, со цел навремена реализација на проектот.
Со искуство од 175 години и силно меѓународно присуство во приближно 170 земји, компанијата има свои сопствени производствени капацитети во Европа, Кина и САД и претставува една од најголемите глобални мрежи за продажба и услуги во областа на дигитално печатење. Инвестицијата во рамки на ТИРЗ, се очекува да донесе нови напредни технологии, како и нови работни места со високa додадена вредност.