ДЕСПОТОВСКИ НА САМИТ НА „ЕКОНОМИСТ“: СО НОВ, ПАМЕТЕН ПРИСТАП ГО НАМАЛУВАМЕ ЗАОСТАНУВАЊЕТО ВО ИНВЕСТИЦИИ ЗАД ЦЕНТРАЛНА И ИСТОЧНА ЕВРОПА
Со новиот концепт кој неполна година го спроведуваме во ТИРЗ поставивме јасна и едноставна рамка за инвеститорите и тоа веќе дава конкретни резултати, порача директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски на самитот на Западен Балкан во организација на „Економист“.
“Со новиот, паметен пристап, ги слушаме потребите на инвеститорите, но и јасно ставаме до знаење што државата очекува од нив. Нудиме јасна и применлива регулатива, ефикасни услуги од Дирекцијата за ТИРЗ, но и сите останати институции и партнерство во финансирање на инвестициите. За возврат, бараме добро платени работни места за нашите сограѓани, солидни даноци, од кои се финансира образованието, здравството, инфраструктурата, како и трансфер на технологии и добри работни навики“ рече Деспотовски и додаде:
„Јасно ставивме до знаење дека повеќе не сакаме странски инвестиции чија цел е ефтина работна сила. Северна Македонија повеќе не е таква земја. Нашето ново мото е Растеме заедно, и нашата економија и сите инвеститори“ рече Деспотовски.
Тој додаде дека актуелните и новите инвеститори – над 30 со кои се преговара во моментов- го прифаќаат овој нов пристап и тој веќе дава конкретни резултати.
„Само од почетокот на годинава имаме започнати или во фаза на реализација договори за нови инвестиции од скоро 200 милиони евра што е 20% од вкупниот обем на инвестиции реалзиран во последната декада,“ рече Деспотовски.
Новиот, паметен концепт на Владата и Дирекцијата за ТИРЗ за поттикнување на инвестиции подразбира целосен ангажман на јавниот сектор. Осврнувајќи се на резултатите од анализата на Европската банка за обнова и развој за разликите во деловната клима помеѓу земјите од регионот и оние од Централна и Источна Европа, Деспотовски потенцираше дека токму бавноста и, во одредени сегменти, неспроведување на регулативата, доведува до сериозен ризик за инвеститорите, а со тоа и застој во економскиот раст. Во воведениот едношалтерски систем за грижа за инвеститорите во ТИРЗ, најголем број на барања од комапниите се однесуваат токму за (не)достапност на услугите од државните и институциите на локално ниво, што мора да се менува.
“Секако ништо не се прави преку ноќ, но мора веќе да почнеме од некаде. Наша цел е во следниве 5, најдоцна 10 години да немаме повеќе економија во економија, како што е сега се ТИРЗ, туку овие, европски правила на функционирање кои ги поставуваме во ТИРЗ да се спроведат на територија на цела држава, и за домашните и за странските инвеститори подеднакво. Зоните се пилот модел врз кој треба да се гради новата развојна македонска економија“ рече Деспотовски.
На панелот “Моментумот за бизнис партнерство во регионот“ во рамки на самитот за Западен Балкан на „Економист“, покрај Деспотовски, учествуваа и Ричард Рекорд од Светска Банка, Петер Санфи од ЕБРД и Коста Петров, директор на ФИТР.