Директорот Гоце Димовски дел од форумот за истражување на решенија за ефективно решавање на спорови
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски денес со свое обраќање беше дел од форумот за истражување на решенија за ефективно решавање на спорови, организиран од Македонската Асоцијација на Корпоративни Правници (МАКП). На форумот воедно свое обраќање имаше и Стефан Волкановски, Државен секретар во Министерството за транспорт и Мајк Зафировски, коосновач на Македонија 2025.
Димовски како дел од панел дискусијата Правна предвидливост: фундаментален услов за привлекување инвестиции, го истакна обезбедувањето стабилна и предвидлива правна средина за инвеститорите, како една од клучните улоги кои ги има дирекцијата. Тој ги посочи предностите на Македонија како инвестициска дестинација, вклучувајќи ја нејзината стратешка локација, солидна инфраструктура и динамична работна сила.
„Предизвикот за заштита на тековните преговори со постојните инвеститори кога ќе се изберат нови администрации е неизбежен, со оглед на тоа што тие се иницирани под различни околности, но оваа Влада е целосно посветена на зголемување на довербата на инвеститорите и заштита на нивните интереси преку директна и транспарентна комуникација.
Македонија нуди една од најефикасните и најатрактивните бизнис клими во Југоисточна Европа, во голема мера благодарение на проактивните Технолошки индустриски развојни зони. Нашите зони се дизајнирани да поддржат индустрии со висока вредност, напредно производство и иновации, што ги прави магнет за домашни и странски инвестиции.“ – истакна тој.
Иван Петрушевски, ко-основач и претседател на МАКП и Саше Димитроф, партнер во BakerHostetler, како главни организатори изразија благодарност до учесниците и панелистите за придонесот кон унапредување на дијалогот за правна сигурност и ефикасност во решавањето на спорови.
Инаку, овој настан организиран од Македонската Асоцијација на Корпоративни Правници (МАКП), во соработка со BakerHostetler, Македонија2025 и LGP Lawyers, ги собира водечките експерти во областа на инвестициите и арбитражата за да дискутираат за најновите трендови, предизвици и практични решенија во решавањето на спорови, нудејќи бројни можности за размена на знаења и професионални поврзувања.