АМЕРИКАНСКАТА КОМПАНИЈА “DURA AUTOMOTIVE SYSTEMS” ЌЕ ОТВОРИ НОВА ФАБРИКА ВО МАКЕДОНИЈА
Вчера, 22.06.2018 година, Владата на Република Македонија застапувана од Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони потпиша Договор за долготраен закуп на градежно земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со компанијата “AIM property” која ќе гради објект за потребите на американската компанија од автомобилската индустрија “DURA Automotive Systems” која ќе биде корисник на слободната зона.
“DURA Automotive Systems” е глобален снабдувач на оригинални компоненти за најреномираните производители на автомобили ширум светот. Компанијата донесе одлука да го го прошири своето производство со отворање на своја фабрика во Македонија која ќе се простира на површина од околу од 16.000 m², а според најавите на компанијата во летото 2019 година се очекува и нејзиното отпочнување со работа.
“Кога ќе биде целосно екипирана, новата фабрика ќе вработува околу 500 вработени”, објасни Dave Pettyes, извршен потпретседател за човечки ресурси во компанијата. “Ова и овозможува на “DURA Automotive Systems” да регрутира кандидати кои ќе имаат можност да ги прошират своите вештини и да ги реализираат своите интереси во рамките на нашата компанија и да бидат дел од нашата глобална организација. Ќе бараме посветени индивидуалци ориентирани кон резултати да се приклучат на нашиот тим во Македонија”.
Иницијалното производство во Македонија ќе вклучува екстериерни алуминиумски лајсни и кровни носачи за европските производители на автомобили. Потенцијалното проширување би вклучило прототипско производство, дизајнирање и производство на алати и екструзија на алуминиум.
Новата фабрика на “DURA Automotive Systems” во Македонија ќе биде нивна 37-ма локација во светот и 16-та локација во Европа. “Оваа нова локација е неопходна за поддршка на нашиот раст во Европа. Ние го дизајниравме објектот со висок степен на вертикална интеграција, со инкорпорирање на најсовремената технологија за производство на алуминиумски системи со исклучително високо ниво на крајна обработка”, изјави Tyrone Jordan, претседател и главен оперативен директор на “DURA Automotive Systems”.
“Регионот има технички способна работна сила, добра инфраструктура и силна поддршка за странски инвестиции. Извонредната соработка што ја добивме од Владата на Република Македонија му овозможи на нашиот оперативен тим многу ефикасно да работи на овој проект и да го финализира ова стратешко дополнување на мрежата на операции на нашата компанија”, истакна Mike Beckett, потпретседател на “DURA Automotive Systems” за Европа.
Американската компанија “DURA Automotive Systems” со седиште во Мичиген е основана во 1914 година и вработува повеќе од 9.400 лица во 14 земји ширум светот. “DURA Automotive Systems” дизајнира и произведува иновативни високо интегрирани автомобилски компоненти за водечки производители на возила во Америка, Азија и Европа.