АМЕРИКАНСКИ ДЕЛФАЈ ЌЕ ИНВЕСТИРА 15 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ТИРЗ СКОПЈЕ 1

Американската компанија „Делфај“ од автомобилската индустрија ќе инвестира во Македонија. Договорот за реализаицја на инвестицијата го потпишаа директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо и глобалниот директор за оперативни активности на групацијата Делфај, Луси Тоскани.

Оваа инвестиција ќе се реализира во неколку фази, а првата е во вредност од 15 милиони евра и ќе отвори 500 нови работни места. За неколку години се очекува извозот да достигне над 150 милиони евра годишно.

Делфај е водечки глобален снабдувач за автомобилскиот и пазарот за комерцијални возила. Таа е меѓу првите 15 најголеми глобални добавувачи од автомобилската индустрија со годишен обрт од над 17 милијарди евра. Има 146 илјади вработени низ целиот свет со 126 производствени погони и оперативна е во над 33 земји.

Во фабриката во ТИРЗ Скопје 1 ќе се произведува најнова технологија на модул за возила кој ќе се вградува низ Европа и ќе соработува со другите капацитети на Делфај во регионот за да се обезбеди ефикасност и флексибилност за клиентите.

– Делфај е фокусирана на испорака на висок квалитет, водечки индустриски технологии кои им помагаат на производителите да постигнат повисок електронски и безбедносен систем. Капацитетите во Македонија ќе помогнат во остварување на оваа цел, рече Луси Тоскани, глобален оперативен директор на Делфај.

Од комапнијата наведуваат дека инвестициските критериумите кои ги следи Делфај за сите региони се да се следат клиентите производители на возила, обучена високо стручна работна сила, употреба на постоечка инфраструктура и потенцијално партнерство со локалните власти. Клучни фактори според нив се поволна бизнис клима, напредни вештини и одлични инфраструктури во техниолошко развојните индустриски зони.