ГЕРМАНСКАТА „ОДВ ЕЛЕКТРИК“ ЌЕ ГРАДИ НОВА ФАБРИКА ВО ОХРИД/СТРУГА

Германската компанија од автомобилската индустрија за кабли „ОДВ Електрик“ ќе инвестира 15 милиони евра во изградба на нова фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона Охрид/Струга и ќе вработи 1.000 работници.

Сопствениците на компанијата Кристијан Вајз и Андреа Мед, извршниот директор Лудвиг Батон и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, го потпишаа договорот за изградба на фабриката.

По одлуката „ОДВ Електрик“ да инвестира во Македонија во април 2014 година, компанијата започна со пробно производство во постоечки објект во Охрид и до сега се вработени 100 лица. Планот на компанијата е да се вработат 150 лица до крајот на годината, по што постепено ќе се реализираат најавените 1.000 нови работни места. Како што беше најавено од страна на менаџерите на компанијата, се очекува фабриката да биде во функција кон средината на 2016 година.

Директорот Виктор Мизо рече дека „ОДВ Електрик“ донесе одлука за инвестирање во Македонија во еден краток временски период од декември 2013 до април 2014. Средбата на македонскиот владин тим со претставници на компанијата во февруари минатата година во Штутгарт придонесе за овој резултат во голема мера. Десет дена по состанокот, делегацијата на компанијата веќе ја посети Македонија.

Фабриката на „ОДВ Електрик“ треба да биде слична на онаа во Украина. Важно е дека изградбата на фабриката ќе почне за две недели, додека фабриката се очекува да започне со работа кон средината на идната година, рече Мизо.