Деспотовски: Македонија е стабилна земја со вредни работници
Позитивната деловна клима за инвестирање, брзи и ефикасни процедури и постапки за реализација на инвестиции, како и пристап до квалификувана работна сила се клучни за турските инвеститори во земјава. Своето позитивно искуство од инвестирање во ТИРЗ пред повеќе од 30 турски компании го споделија менаџерите на турската компанија Пурпласт и на новиот инвеститор во ТИРЗ, компанијата Шахтерм. На настанот во организација на Стопанската комора на Бурса директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски ги претстави инвестициски можности во С.Македонија како и можностите за турските компании, а свое обраќање имаа и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски како и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
„Македонија има клучна географска положба. Нудиме флексибилност, одлична инфраструктура и квалификувана работна сила. Она што е уште поважно е што успеавме да ја промениме сликата од земја на евтина работна сила, во земја на добро платени работни места за нашите сограѓани. Па така не само што континуирано расте бројот на вработени во Зоните, туку и просечната нето плата веќе достигна над 1100 евра. Македонија е стабилна земја со вредни работници. Покажавме и дека Македонија е вистинска бизнис дестинација со оглед на тоа дека во изминативе три години имаме постигнато договори од 1 милијарда евра, што е исто колку инвестицискиот обем за десет години, “ изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ. Тој додаде и дека „Турција прераснува во сериозен бизнис партнер на земјава, а само во ТИРЗ во последниве три години имаме три нови турски компании кои инвестираат над 125 милиони евра и предвидуваат отворање на над 1200 нови работни места од кои дел веќе се реализираат“.
Генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, чија компанија е најновиот инвеститор во ТИРЗ посочи дека најважно за одлуката за инвестирање била професионалноста и ефикасноста на Владата и ТИРЗ во преговорите.
„Исклучително брз процес и посветеност кој резултираше во договор по само четири месеци. Во Македонија пронајдовме вистински партнери и ефикасна администрација што беше клучна за нас како бизнисмени, бидејќи времето чини пари. Она што особено не радува е дека во земјата има доволно квалификуван кадар кој сме подготвени добро да го платиме,“ нагласи Шахин. Тој додаде дека почетната плата за неквалификуван кадар ќе почнува од 550 евра, а додаде дека планира новата фабрика во ТИРЗ Скопје 2 да биде центар за снабдување на клиентите во западните земји, од Европа и САД. Компанијата “Шахтерм“ која има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство ќе инвестира над 100 милиони евра и планира отворање на 1000 нови работни места. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција. Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.
Мехмед Шишманоглу, извршниот директор на Пурпласт, која има 40 годишно искуство во автомобилската индустрија, посочи дека со поддршката од Владата и соработката со ТИРЗ веќе три години градат успешна приказна во земјава. Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса истакна дека ваквите настани за вмрежување се важни за турските инвеститори, како и дека ќе ги поддржат турските компании во нивниот потфат на македонскиот пазар. Тој додаде и дека според позитивните искуства на турските компании особено верува во потенцијалот на С.Македонија како стратешка дестинација за инвестирање.
Во своето обраќање и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски истакна дека Република Турција како наш стратешки партнер е многу важен инвеститор во различни инфраструктурни и капитални инвестиции, како и гринфилд и браунфилд инвестиции од турски компании, кои го препознаа потенцијалот и ги користат предностите и придобивките од водењето бизнис во С.Македонија.
Претставниците на компаниите најмногу се интересираа за пристапот до квалификувана работна сила, елементите на државна поддршка и условите за инвестирање. Инаку Турција е рангирана на прво место по бројот на странски компании во земјава, и во моментов речиси 2000 турски компании се регистрирани и работат во различни сектори.