Деспотовски: Отворивме нова програма за поддршка на македонски компании
Домашните средни и големи компании имаат можност да ги зајакнат своите извозни капацитети и конкурентноста на странските пазари, да станат дел од синџирот на набавки кај странските компании во земјава како и да им се зголеми нивната инвестициска подготвеност. ТИРЗ во партнерство со Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата на Светска банка, а поддржани од Швајцарскиот Секретаријат за Економски прашања, СЕКО започнува нова иницијатива наменета за поддршка на македонските компании. На денешната презентација на Јавниот повик за техничка помош за развој на добавувачи директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски посочи дека е ова почеток на целосно нова програма за поддршка на македонските компании.
„Со денешниот настан одбележуваме почеток на целосно нова програма, односно целосно ново поглавје во функционирањето не само на Дирекцијата за ТИРЗ, туку и генерално на Владата. Повеќе од 20 години се зборува за тоа како домашните компании да ги интегрираме во системите за снабдување, за соработка со големите странски компании не само во земјава, туку и генерално во регионот и глобално, и ова е прв чекор во тој правец практично. Тоа значи дека ако досега сме зборувале во идно време, сега веќе зборуваме во сегашно време за работи што се случуваат,“ рече Деспотовски.
Со овој јавен повик во првата фаза ќе бидат опфатени 10 македонски компании.
„Ова е само прв чекор. Техничката помош подразбира дека компаниите ќе добијат можност да користат консултанти, за да станат поконкурентни и да бидат дел од синџирот на добавувачи на странските компании во земјава. Но исто така ќе добијат и техничка помош за подготовка на инвестициски планови и во следен чекор да ги искористат сите можности што ги нуди Владата за кофинансирање – Законот за финансиска поддршка, законите што го регулираат работењето на Дирекцијата. Значи финансиската поддршка по завршување на овој циклус следи, така што јас очекувам во оваа фаза минимум 10 компании коишто би поминале низ фазата на подготовка на инвестициски планови, дел од нив во скора иднина значи следните 2-3 години да станат и дел од семејството на ТИРЗ,“ рече Деспотовски.
Проектниот менаџер на ИФЦ, Јуџин Осмонески нагласи дека ваква поддршка има и во регионот и веќе дава одлични резултати.
„ Целта на оваа програма е подобрување на интеграцијата на фирмите од Западен Балкан во интра-регионалните и европските синџири на вредности преку зголемување на поврзаноста со оние компаниите во европските региони како и зајакнување на способностите на производствените фирми да се квалификуваат за снабдувачи преку иницијативи од приватниот и јавниот сектор. До сега имаме одлични резултати во регионот. 62 компании кои ја поминале програмата за техничка поддршка, 547 креирани нови места, 233 милиони евра сопствени инвестиции како и зголемување на извозот од 65%,“ нагласи Осмонеску.
На јавниот повик повик може да конкурираат само регистрирани трговски друштва со доминатна македонска сопственост, чии годишни приходи не се под два милиона евра или имаат минимум 50 вработени во последниве две години, субјекти кои немале загуби во последните две календарски години, како и против кои не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација.
Услов е и оние што аплицираат да имаат подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси и против нив да не се почнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања.
ТИРЗ до крајот на месецов ќе одржи уште четири инфо сесии во повеќе градови низ земјата.
Повикот беше објавен на 29 декември 2023 година и ќе трае до 15 февруари 2024-та, до 14.00 часот.