Димовски во интервју за Фактор: „Три компании веќе имаат донесено одлука да инвестираат во Македонија“
Директорот Гоце Димовски во интервју за порталот Фактор најави три нови инвестиции, од кои две се планирани да бидат во ТИРЗ Скопје и истите се од фармацевтската индустрија и индустријата на високи технологии, додека останатата инвестиција е планирано да биде лоцирана во ТИРЗ Тетово, а станува збор за производствен капацитет од автомобилската индустрија каде што ќе се произведува компонента која досега не се произведувала во Македонија. Покрај ова, Димовски изнесе и детали за постоечките инвестиции и ситуацијата со Дура Аутомотив, Аптив, Ван Хол, Авеста и други.
Фактор: Во изминатиот период беше споменато дека две компании од областа на високата технологија вкупно ќе инвестираат околу 80 милиони евра и ќе отворат околу 1.000 работни места. До крајот на изминатата година беше кажано дека се очекуваат уште најмалку три потврди за инвестиции во земјава. Може ли да ни откриете кои се инвеститорите и дали нивната работа би се одвивала во развојните зони? Дадете ни детали околу овие активности.
Димовски: Сериозниот пристап во делот на привлекување на странски инвестиции што го покажа оваа влада резултира со резултати односно поточно три компании веќе имаат донесено одлука да инвестираат во Македонија и сите 3 инвестиции ќе донесат високо технолошко производство во државата, кои ќе креираат околу 1.500 нови работни места, кои сериозно ќе го зголемат извозот од државата односно согласно нивните бизнис планови само во прва фаза планот им е да инвестираат сите заедно повеќе од 100 милиони евра.
Овие инвестиции ќе бидат лоцирани во технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) односно две инвестиции се планирани да бидат во ТИРЗ Скопје и тие се од фармацевтската индустрија и индустријата на високи технологии, додека останатата инвестиција е планирано да биде лоцирана во ТИРЗ Тетово, а станува збор за производствен капацитет од автомобилската индустрија каде што ќе се произведува компонента која досега не се произведувала во Македонија.
Фактор: Компаниите Дура Аутомотив и Аптив најавија постепено повлекување од стратешки причини од Македонија. Дали се расчистени односите со овие компании и дали се знае до кога би останале во земјата?
Димовски: Со оглед на фактот дека од наша страна на секоја компанија која има активен договор за државна помош, минимум еднаш годишно му се прави детална проверка и анализа на исполнетоста на договорот за државна помош преку надворешни ангажирани ревизори, каде за двете компании е констатирано прекршување на договорите за државна помош од нивна страна, со што се преземени активности и мерки се со цел враќање на државна помош дадена на овие компании.
Имено, ДУРА Аутомотив веќе го има прекинато производството, со што веќе сме во преговори со една странска компанија која има во план да инвестира во Македонија, и истите се заинтересирани да го користат објектот кој што го користеше Дура Аутомотив, додека во однос на Аптив според информациите доставени до нас, планираат да го запрат производството до крајот на 2026 година, каде што и тука постојат странски компании кои се заинтересирани да го преземат Аптив, се со цел објектот во кој е Аптив, да остане во оперативна состојба после напуштањето на Аптив.
Фактор: Автомобилската индустрија во Европа е силно погодена. Како тоа ќе се одрази во 2026 во слободните развојни зони кај нас ако знаеме дека оваа индустрија е најзастапена. Има ли притисоци за поддршка?
Димовски: Факт е дека автомобилската индустрија во 2025 година беше исправена пред сериозни предизвици, со што овие состојби креираа сериозен притисок врз автомобилската индустрија во Европа од апсект на намалување на обемот на производство и нарачките. Ние како ДТИРЗ сме во постојана комуникација со сите компании за било каква поддршка и соработка, а воедно на месечно ниво правиме детални анализи за секоја компанија и ги следиме каква им е состојбата од месец на месец, со што очекуваме во 2026 година големите производители на автомобили во Европа да се справат со сите предизвици кои се пред нив, со што ќе се намали и самиот притисок врз целокупната автомобилска индустрија во Европа а со тоа ќе се зголеми обемот на производство и нарачките.
Фактор: Има компании како Ван Хол чие работење е значително погодено од новонаметнатите царини од САД. Дали од таму се бара поддршка, бидејќи веќе се намалува обемот на производство и бројот на работници?
Димовски: Факт е дека првично наметнати царински тарифи од страна на САД и те како предизвикаа сериозен потрес врз целокупната економија во светот, со што во Август 2025 година САД објавија нова листа на царински тарифи по држави, каде за одредени држави, вклучително и ние добивме царински тарифи намалени за повеќе од 50% од првично утврдените, со што истото од наша страна како влада е поздравено.
Со компанијата ВДЛ Ван Хоол сме во постојана комуникација и согласно одлуката на САД донесена во Октомври 2025 година утврдени се царински тарифи од 10% за сите увезени автобуси, со што оваа одлука се однесуваа и за автобусите произведени во Македонија односно за автобусите кои ВДЛ Ван Хоол ги произведува во Македонија а ги извезува во САД, со што ова намалување на овие царински тарифи беше поздравено од страна на ВДЛ Ван Хоол. Во однос на ВДЛ Ван Хоол можам да кажам дека 2025 година имаат многу подобри перфоманси во однос на 2024 година, односно во периодот Јануари 2025 – Ноември 2025 извозот е сериозно зголемен во однос на истиот период од 2024 година.
Имено, би сакал да го истакнам сериозниот ангажман што оваа влада го прави во делот на постигнување на договор за царински тарифи со САД, со што преговорите се сеуште во тек и очекуваме царинските тарифи да бидат под моменталните односно актуелните.
Фактор: Производителите на батериски системи БМЗ и Авеста најавија високоплатени работни места. До каде се овие инвестиции и дали ќе го зголемат нивото на просечната плата во слободните развојни зони?
Димовски: Во однос на БМЗ можам да кажам дека оваа инвестиција се реализира согласно динамиката која е утврдена, каде што заклучно со Декември 2025 бројот на вработени е над 120 лица, со план истиот да се зголемува. Во однос на Авеста, има одреден застој во однос на изградбата на објектот заради технички причини односно при изградбата на објектот од страна на инвеститорот се побарани одредени измени во тек на градењето на производствениот капацитет и заради тоа мораше да се направи застој во градбата за да прво се спроведат – одобрат сите тие измени и дополнувања на целокупната урбанистичка и проектна документација согласно позитивните законски прописи во државата.
Воедно, би сакал да ги истакнам и другите тековни инвестиции кои се во тек на изградба на новите производствени капацитети, како што се Шахтерм и Џагатај Кабло, кои заедно со сите останати кои се во тек и сите они кои веќе имаат донесено одлука за инвестирање сериозно ќе влијаат во развојот на домашната економија од повеќе аспекти вклучително и зголемување на нивото на просечна плата на вработени во компаниите кои оперативно работат во ТИР зоните.
Фактор: Споредено со 2024, колкав ќе биде извозот од ТИРЗ-овите оваа година и што може ново да се очекува во текот на 2026 во поглед на нови работни места и нови инвестиции?
Димовски: Со оглед на фактот дека ние како ДТИРЗ на месечно ниво правиме сеопфатни анализи и согласно расположливите податоци со кои располагаме заклучно со месец Ноември 2025 година може да се потврди дека извозот од ТИР зоните во периодот Јануари 2025 – Ноември 2025 е зголемен за 8% споредено за истиот период од 2024 година, со што нашите очекувања е дека 2025 година извозот од ТИР зоните ќе биде значително поголем споредено со извозот во 2024 година.
Еден од главните цели на оваа влада во 2026 година е привлекување на квалитетни странски инвестиции кои сами по себе би имале високо технолошко производство кое, пак, ќе креира високо платени работни места и дополнително ќе го зголеми извозот. Имено, нашата цел е да направиме диверзификација на портфолиото на инвестициите заради фактот што не сакаме да бидеме зависни само од една индустрија, односно извозот да не ни биде зависен само од една индустрија. Во моментов преговараме со околу 10 странски компании кои имаат искажано интерес за инвестирање во Македонија, каде што, согласно нивните бизнис планови, може да се заклучи дека се работи за компании кои имаат високо технолошко производство и кои сериозно би го зголемиле извозот од Македонија, односно нашата цел како влада е да привлечеме што повеќе квалитетни странски инвестицииа кои ќе придонесат Македонија да биде една од земјите во Европа со најголем економски раст.




