Димовски успешно ги претстави инвестициските можности пред бизнис заедницата во Холандија, остварена средба и со Каспар Велдкамп, министер за надворешни работи на Холандија

Директорот Гоце Димовски заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес во Хаг оствари средба со Каспар Велдкамп, министер за надворешни работи на Холандија, при што беа претставени и инвестициските можности на ТИРЗ пред претставници на бизнис заедницата.

Во рамки на средбата со Велдкамп, беше изразено заедничко задоволство од одличната билатерална соработка, при што беше разговарано и за нови можности за соработка во делот на трговијата и привлекување холандски инвестиции.

Со фокус на инвестициите, економијата и билатералната соработка, Димовски успешно ги презентираше инвестициските потенцијали на Македонија, односно ТИРЗ. Тој ги потенцираше конкурентните услови за инвестирање, вклучувајќи ја поволната даночна политика, квалификуваната работна сила, како и севкупната поддршка и транспарентност од страна на дирекцијата, со цел поголем успех на инвеститорите.

Од страна на бизнис заедницата, предводена од Марк Хаселар, заменик директор во Одделот за меѓународни претпријатија (DIO) во Министерството за надворешни работи на Холадија, беше изразен интерес за можностите што ги нудат Технолошките Индустриски Развојни Зони, особено во контекст на нивната стратешка позиција, пристапот до регионалните пазари и подготвеноста на институциите за поддршка на странски инвестиции. Во таа насока, беа разгледани и конкретни можности за потенцијални холандски инвестиции, како и за воспоставување заеднички проекти и иницијативи.

Оваа посета на Холандија е дел од новиот концепт кој веќе една година активно го спроведува Дирекцијата за ТИРЗ, со цел промоција на Македонија како атрактивна, стабилна и конкурентна дестинација за странски директни инвестиции.