Директорот Гоце Димовски ги претстави можностите и механизмите за поддршка на странските инвеститори пред повеќе од 50 словенечки компании
Во рамки на онлајн обуката „Инвестирај, соработувај, расти: твојот водич за македонскиот пазар“, организирана од Друштвото на словенечки и македонски стопанственици, СИЗ, директорот Гоце Димовски успешно ги претстави можностите и механизмите за поддршка на странските инвеститори кои ги нудат зоните, односно Македонија пред повеќе од 50 словенечки компании. Воведно обраќање имаа Горан Криж, Министер советник, Амбасада на Република Словенија, Матеј Рогељ, од Центарот за меѓународна соработка, Стопанска Комора на Словенија, како и Војдан Јорданов, Претседател на Управниот одбор на Друштво на словенечки и македонски стопанственици и извршен директор на Триглав Осигурување АД Скопје.
Директорот Димовски, во своето излагање ги посочи клучните можности кои ги нуди Македонија и ТИРЗ како атрактивна локација за странските инвеститори, како и стабилната бизнис клима, додавајќи дека сè поголем број компании од различни индустрии го препознаваат потенцијалот на државата. Тој ги претстави и конкретните даночни и царински олеснувања, инфраструктурните предности на зоните, како и механизмите за поддршка на инвеститори.
„Нашата главна цел е стабилен раст на сите инвеститори, а моментално активно работиме на дополнително унапредување на стратегијата за поддршка и развој на проекти со висока додадена вредност.“
Од страна на учесниците беше изразен особен интерес за можностите што ги нуди Македонија, земајќи ги предвид предностите како стабилната макроекономска средина, квалификуваната работна сила и поволната даночна политика.
Нудејќи конкретни насоки, главната цел на обуката беше да се понудат практични совети за потенцијални инвестиции и зголемување на извозот на словенечките компании во Македонија. Преку интерактивни презентации и размена на искуства, учесниците добија практични совети за можностите за инвестиции, зголемување на извозот, како и воспоставување деловни партнерства.
