Директорот Димовски дел од македонско-турскиот бизнис форум

Во организација на Стопанската комора на Македонија и Одборот за надворешни економски односи (DEiK) на Турција, денес се одржа бизнис форум во Скопје, каде учествуваше директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски. На форумот учествуваа бројни високи претставници, вклучувајќи го министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за економија, Бесар Дурмиши, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, како и министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат.
Директорот Димовски успешно ги претстави можностите за инвестирање кои ги нуди Македонија преку своите Технолошки Индустриски Развојни Зони, нагласувајќи ја успешната соработка со Република Турција како еден од стратешките партнери. Во своето обраќање Димовски ја потенцираше посветеноста на новата влада за создавање уште подобри услови за странските инвеститори, што дополнително ќе ја зајакне позицијата на Македонија на мапата за СДИ.
„Република Турција, како и досега, останува значаен и доверлив партнер на нашата земја во областа на инвестициите. Голем број турски компании го препознаа потенцијалот и ги искористија предностите што ги нуди државата за водење бизнис. Владата и во иднина останува посветена на поддршка на овие инвестиции и привлекување нови странски инвеститори. “, изјави Муцунски.
Министерот Дурмиши истакна дека Македонија и Турција имаат одлична билатерална и трговска соработка која има простор да се зголеми во наредниот период, при што Владата во бизнис секторот и во инвеститорите гледа партнери за поддршка на развојот на економијата.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески преку видеообраќање рече дека очекува нови турски инвестиции во земјава, заеднички настап на трети пазари и поголемо присуство на македонски фирми на саеми во Турција кои, како што истакна, може да бидат отскочна даска за останатите големи пазари во светот.
Тамер Киран, заменик претседател на Сојузот на стопански комори – ТОББ истакна дека постојниот договор за слободна трговија и континуираното подобрување на инвестициската клима го прошируваат и продлабочуваат опсегот на билатералните и трговските односи меѓу двете земји.
Дирекцијата за ТИРЗ останува посветена на создавање и одржување на поволни услови за странските инвеститори, обезбедувајќи стабилна и предвидлива бизнис клима. Ваквите бизнис форуми кои овозможуваат директен дијалог меѓу компаниите, инвеститорите и државните институции се од големо значење за понатамошното зајакнување на економските врски, како и за создавање на поволни услови за нови инвестиции и унапредување на деловната клима.