Директорот Димовски оствари средба со претставници од амбасадата на САД во Македонија
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски оствари средба со Рајан Милер и Арбен Гега, претставници на амбасадата на САД во Македонија. Средбата опфати дискусии за бројни клучни теми, вклучувајќи ја важноста на инвестирањето во технологијата и индустријата, зголемување на американските инвестиции во Македонија, како и можностите за поддршка на македонските компании за извоз на американскиот пазар.
„Оваа средба е само почеток на нова ера на соработка и партнерство. Нашата цел е да создадеме услови за уште поголеми американски инвестиции во Македонија и да ја поддржиме локалната економија преку иновации и развој,“ изјави Димовски.
Рајан Милер, економски службеник од амбасадата на САД, изрази големо задоволство од постигнатото ниво на соработка помеѓу двете земји и потенцираше дека САД продолжуваат да ја поддржуваат Македонија во нејзините напори за економски развој.
„Во рамките на нашата посветеност за унапредување на економскиот развој и привлекување на странски инвестиции, ТИРЗ активно работи на стратегијата за привлекување на инвестициски проекти со напредна технологија. Оваа стратегија има за цел да ја позиционира Македонија како водечка дестинација за иновации и технолошки развој во регионот на Југоисточна Европа.
Покрај тоа, нашата визија е поддржана од едношалтерскиот систем на ДТИРЗ, кој значително ги олеснува административните процеси за инвеститорите. Со овој систем, на инвеститорите им се овозможува побрз и поефикасен пристап до сите потребни информации и дозволи, што претставува значаен чекор кон создавање на поволна бизнис клима и привлекување на висококвалитетни инвестиции. Уверени сме дека преку континуирана соработка со нашите меѓународни партнери, ќе успееме да привлечеме значајни инвестиции кои ќе придонесат за развојот на нашата економија и зајакнување на нашата конкурентност на глобалниот пазар. Оваа посветеност е одраз на нашата решеност да создадеме стабилна и просперитетна иднина за сите наши граѓани.“ – изјави Димовски.
Претставниците на амбасадата ја истакнаа нивната поддршка за напорите на ТИРЗ и изразија подготвеност за понатамошна соработка. Тие потенцираа дека САД се силно посветени на зајакнување на економските врски со Македонија и охрабрување на американските компании да инвестираат и оперираат во земјата.
„Конкурентноста на регионот на Југоисточна Европа претставува значаен фактор за атракција на странски директни инвестиции. Забележителна е стручната работна сила и поволната локација, кои создаваат идеални услови за успешно вложување и развој на бизнис. Македонија и регионот на ЈИЕ воопшто нудат значителни компаративни предности, што ги прави посебно привлечни за инвестиции.“ истакна Арбен Гега, претставник на амбасадата на САД во Македонија.
Оваа средба претставува важен чекор кон градење на посилни економски односи меѓу Македонија и САД, со цел да се овозможат нови можности за раст и развој на двете земји.