Директорот Димовски оствари средба со Сецуко Кавахара, вонреден и ополномоштен амбасадор на Јапонија во Македонија
Во насока на унапредување на економската соработка помеѓу Јапонија и Македонија, денес, Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски оствари средба со новиот вонреден и ополномоштен амбасадор на Јапонија во Македонија, Сецуко Кавахара, заменик-шефот на мисијата, Шимасаки Терујо, како и Бесар Бекир, економски аналитичар за развој и помош. Средбата опфати дискусии за досегашната соработка помеѓу двете држави, како и можностите за продлабочување на истата преку конкретни проекти и иницијативи.
Директорот Гоце Димовски посочи дека соработката помеѓу Дирекцијата за ТИРЗ и Амбасадата е од круцијално значење за понатамошни јапонски инвестиции во рамки на зоните. Тој ја нагласи потребата од идентификување на заеднички приоритети кои ќе овозможат поефикасна соработка.
„Јапонија е светски лидер во иновациите и технолошкиот напредок, што ја прави одличен партнер за проекти кои ќе поттикнат економски развој во Македонија. Во соработка со Владата, активно работиме на Национална стратегија која ќе придонесе за уште повеќе поволности за странските инвеститори.“ – посочи Димовски.
Амбасадорката Кавахара изрази благодарност за средбата, истакнувајќи ја подготвеноста на Јапонија за продлабочување на соработката со Македонија. Таа ја посочи важноста на идентификувањето заеднички приоритети кои ќе создадат услови за уште поефикасна и продлабочена соработка, што всушност е клучно.
„Има многу јапонски компании кои се заинтересирани за отворање бизнис во Северна Македонија и гледам голем потенцијал за зајакнување на економските врски меѓу нашите земји, бидејќи ТИРЗ обезбедува голем број на стимулации и услуги за странските компании“, рече амбасадорот Кавахара.