Директорот Димовски оствари успешна средба со генералниот менаџер на Киел Македонија, Кристијан Штранд

По неколку месечната успешна работа на германски Киел во ТИРЗ Тетово, директорот Гоце Димовски оствари успешна средба со Кристијан Штранд, генерален менаџер на „Киел Македонија“, менаџерот на фабриката во Тетово, Владимир Стефановски и Горан Големтеов, финансиски директор. Во рамки на средбата се разговараше за тековното работење на компанијата, како и плановите за во иднина.

Димовски, нагласувајќи ја важноста на градењето силна и долгорочна соработка за економски раст и развој, ја истакна улогата на Дирекцијата за ТИРЗ како главен партнер и поддржувач на странските инвеститори.

„Горди сме што Киел инвестираше во една од зоните, отворајќи нови работни места и нови шанси за економски напредок на целата држава. Оваа инвестиција е доказ за атрактивноста на нашите зони и за потенцијалот што Македонија го нуди како стабилна и конкурентна дестинација за странските инвеститори.“ – нагласи директорот Гоце Димовски.

Од страна на претставниците на Киел, беше изразено особено задоволство за средбата, со очекување за уште поуспешна соработка во иднина.

Кристијан Штранд, генералниот менаџер ја посочи посветеноста на компанијата кон долгорочен раст. „Фабриката во Тетово го покрива целокупниот опсег на активности за производство на седишта за возови, при што комплетното седиште може слободно да се нарече „made in Macedonia”. Македонија е наш партнер на долг рок, нудејќи стабилни деловни услови за нас како инвеститори, а соработката со дирекцијата за ТИРЗ е од клучно значење при постигнување на поставените цели.“ – посочи Штранд.

„Нашата главна мисија е зајакнување на позицијата на глобалниот пазар, а притоа испорачувајќи производи со највисок квалитет. Продолжуваме и натаму со растот и создавање на нови работни места, со директно влијание врз македонската економија.“ – истакна менаџерот на фабриката во Тетово, Владимир Стефановски.