Директорот Димовски присуствуваше на настанот „Зајакнување на институционалните капацитети: Одбележување на соработката меѓу САД и Македонија“

Директорот Гоце Димовски денес присуствуваше на настанот „Зајакнување на институционалните капацитети: Одбележување на соработката меѓу САД и Македонија“ во организација на Министерството за финансии. На настанот беа презентирани досегашните и идните заеднички активности меѓу Министерството за финансии и Трезорот на Соединетите Американски Држави, со акцент на јакнење на институциите, зголемување на експертизата и создавање модерни системи. Воведно обраќање имаше вицепремиерот за политички систем, Љупчо Димовски, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, како и амбасадорката на САД, Ангела Агелер.

Во рамки на настанот, беше истакната важноста од долгорочната и стратешка соработка меѓу двете земји, која придонесува кон унапредување на јавните финансии, транспарентноста и отчетноста, како и кон зајакнување на институционалната стабилност во државата. Посебен акцент беше ставен на размената на знаења и добри практики, како и на улогата на експертската поддршка од страна на американскиот Трезор во развојот на современи и ефикасни системи за управување.

Директорот Димовски ја поздрави континуираната поддршка од Соединетите Американски Држави, оценувајќи дека ваквите партнерства имаат суштинско значење за унапредување на капацитетите на институциите и за создавање стабилна и предвидлива деловна клима. Тој посочи дека јакнењето на институциите е клучен предуслов за привлекување квалитетни странски инвестиции и одржлив економски раст, особено во контекст на функционирањето и развојот на ТИР зоните.