Директорот на дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, во официјална посета на фабриката Џонсон Мети во Скопје
Директорот на дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, денеска оствари официјална посета на фабриката Џонсон Мети во Скопје. Оваа посета е првата во серијата посети на фирми кои работат во ТИРЗ, со цел директна комуникација и поддршка на компаниите.
Фабриката на „Џонсон Мети” во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 е најголемиот инвестициски проект, а воедно и една од најсофистицираните и најнапредни фабрики на „Џонсон Мети“ во светот и важи за најголем извезувач од Македонија.
„Нашата мисија е да ги поддржуваме и поттикнуваме компаниите во ТИРЗ, овозможувајќи им најдобри услови за работа и развој. Џонсон Мети е пример за успешна компанија која придонесува за одржлив економски раст и иновации во нашата земја. Продолжуваме и понатаму да работиме на подобрување на деловната клима и поддршка на компаниите во ТИРЗ.“ – истакна Димовски.
„Горди сме на нашата фабрика во Скопје, која е меѓу најсофистицираните и најнапредни во светот. Оваа инвестиција не само што придонесува за економскиот раст на Македонија, туку и за глобалната иновација и одржливост. Преку континуирано вложување во нашите вработени и заедницата, обезбедуваме долгорочен успех и просперитет. Нашата посветеност кон одржливиот развој е основен принцип на кој се темелат сите наши деловни активности. Се надеваме на уште поголеми инвестиции.“ – изјави Боријан Борозанов, директор на Џонсон Мети.
Посетата на Џонсон Мети е дел од иницијативата на дирекцијата за ТИРЗ за директен контакт со компаниите, со цел подобро разбирање на нивните потреби и предизвици. Овие посети се планирани да продолжат и во наредниот период, опфаќајќи различни компании кои работат во рамките на ТИРЗ.