Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски одржа успешна средба со Вабтек
Во насока на новиот концепт, а со цел поддршка и унапредување на инвестициската клима во Македонија, денес директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, оствари средба со претставници на компанијата Вабтек. На средбата беа разгледани тековните проекти, како и новата инвестиција од страна на американската компанија.
Вабтек е водечки светски снабдувач на опрема, системи, дигитални решенија и услуги со додадена вредност за товарниот и транзитниот железнички сектор и има повеќе од 150 години искуство. Компанијата произведува делови за локомотиви, товарни вагони, патнички возила и опрема за производство на електрична енергија, а воедно е и еден од најголемите извозници од Македонија.
Директорот Димовски ја нагласи важноста на континуираната соработка помеѓу владините институции и сите постоечки и потенцијални инвеститори во државата.
„Горди сме што компанија како Вабтек, која веќе подолго време работи во Македонија, се одлучи за повторна инвестиција која значајно ќе придонесе за економскиот раст и развој на државата, отворајќи нови работни места. Како институција, ќе продолжиме со поддршка на компаниите кои вложуваат во Македонија, земајќи предвид дека истите се клучни за обезбедување на стабилна економија и напредок на нашата земја.“ – изјави директорот Димовски.
Од страна на претставниците на Вабтек беше изразено особено задоволство за средбата, надевајќи се на успешна понатамошна соработка.
„Веќе подолго време сме присутни на македонскиот пазар и оваа земја е важен дел од нашето глобално портфолио. Одлуката за повторна инвестиција произлегува од нашата верба во потенцијалот на Македонија, како и стабилната инвестициска клима која владата и институциите, како што е Дирекцијата за ТИРЗ, постојано ја поддржуваат и унапредуваат.“ – истакна Паоло Босио.
Оваа средба е уште една потврда за посветеноста на Дирекцијата за ТИРЗ во обезбедувањето поддршка и создавањето услови за раст и развој на компаниите, преку унапредување на дијалогот и соработката со сите засегнати страни.