Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски оствари успешни средби со високи државни претставници на Република Унгарија
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски заедно со државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Елена Кузмановска и директорот за организациони работи во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Веле Трпевски остварија одвоени работни средби со државниот секретар за јавна администрација во Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија, Естер Ѓармати, директорот на Агенцијата за промоција на инвестициите на Унгарија (HIPA), Иштван Јо и со директорот на Агенцијата за промоција на надворешната трговија на Унгарија (HEPA), Габор Јенеи.
Во рамки на средбите се дискутираше околу промените на легислативата, во насока на зголемување и унапредување на економската промоција на нашата земја, преку размена и споделување на унгарските искуства во однос на најавените реформи.
Од страна на унгарските претставници беа споделени позитивните искуства кои реформскиот процес во Унгарија ги имал во насока на зголемување и привлекување странски инвестиции во земјата, нагласувајќи ја успешната приказна на Унгарија, како водечка земја од В4 во однос на споменатиот процес. Во рамки на состаноците беше нагласен придонесот што економската дипломатија, претставена преку мрежата на економски промотори го има во однос севкупниот економски развој.
Воедно, детално беше презентирана работата и надлежностите на Агенциите за промоција на инвестициите (HIPA) и за промоција на надворешната трговија на Унгарија (HEPA), кои заедно со економските промотори се раководени од унгарскиот министер за надворешни работи, решение што посебно позитивно се има одразено на функционалноста на системот во целина.
Соговорниците од Унгарија, искажаа подготвеност за натамошно споделување на искуствата во процесот на реорганизација кој е започнат во нашата земја, при што беше назначено и лице за контакт за поефикасна и директна комуникација во овие најавени процеси.