Директорот на ТИРЗ, Димовски оствари средба со Александар Голабоски, директор на компанијата „Avesta Battery and Energy Engineering“,
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, оствари официјална средба со директорот на компанијата „Avesta Battery and Energy Engineering“, Александар Голабоски. Во рамки на денешната средба, се дискутираше за напредокот на инвестицијата во ТИРЗ Кичево, како и за тековните и идните инвестициски планови за развој на фабриката АБЕЕ.
„Avesta Battery and Energy Engineering“ е компанија основана со цел да обезбеди висококвалитетни и ефикасни решенија за складирање енергија, вклучувајќи батерии за електрични возила и обновливи извори на енергија. Со своето иновативно портфолио, компанијата се стреми да ја унапреди технологијата и да придонесе кон поодржлива иднина. Компанијата е позната по своите напредни истражувања и развој, нудејќи широк спектар на услуги и решенија како оптимизација на материјали, услуги за моделирање, услуги за дизајн и решенија за инфраструктурни објекти.
„Нашата цел е да создадеме поволна деловна средина која ќе им овозможи континуиран раст и развој на компаниите во ТИРЗ, преку обезбедување на стабилни регулаторни услови, предвидлива легислатива, како и поддршка за иновации и технолошки напредок, со што ќе се поттикне економскиот раст на Македонија. Ова е всушност и главниот фокус на новата влада.“, изјави Димовски.
Александар Голабоски, директор на „Avesta Battery and Energy Engineering“, ја истакна важноста на соработката со ТИРЗ и плановите на компанијата во иднина. АБЕЕ е водечки производител на иновативни батерии и решенија за складирање енергија. Македонија е првата наша инвестиција надвор од Белгија, токму заради поволните услови кои ги нуди државата, како и поволностите од страна на Дирекцијата за ТИРЗ. Наша цел е да ја зголемиме нашата присутност во регионот, создавајќи нови можности за вработување.“, истакна Голабоски.
Дополнително, во текот на средбата, се разговараше и за можностите за соработка во областа на истражување и развој, како и за обуки и доедукација на кадарот, со цел да се обезбедат највисоки стандарди во производството и управувањето.
Директорот Димовски ја потенцираше подготвеноста на ТИРЗ да ги обезбеди сите потребни услови за успешна имплементација на проектите на АБЕЕ. „Ние сме тука за да ги поддржиме сите иницијативи кои ќе донесат иновации и нови работни места во Македонија. ТИРЗ ќе продолжи да биде двигател на економскиот развој.“, заклучи Димовски.