ДОМАШНАТА КОМПАНИЈА ТЕХНОПЛАСТ ЌЕ ИНВЕСТИРА 10 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ТИРЗ СКОПЈЕ 1

Технопласт е втора домашна компанија која потпиша договор за инвестирање во Технолошко индустриска развојна зона Скопје 1. Станува збор за инвестиција од 10 милиони евра со која ќе се отворат 200 нови работни места.

Инвестицијата ќе се реализира во две фази, при што во првата фаза ќе бидат инвестирани шест милиони евра за изградба на објектот и за набавка на нова опрема, а во втората фаза ќе бидат вложени четири милиони евра и ќе се инвестира во развој на технологии. Во двете фази ќе бидат вработени по стотина лица. Инвестицијата ќе се реализира за период од десет години.

Инвестицискиот договор го потпишаа директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Виктор Мизо и сопственикот на компанијата Борче Тодоровски.

– Компанијата ќе се занимава со производство на алати и пластични компоненти наменети за автомобилската, електричната и електроиндустријата. Целокупното производство на компанијата ќе биде наменето за извоз. Целта на оваа инвестиција е наменета од потребата за реализација на веќе посточеките проекти кои ги имаме за реномираните компании од автомобилската индустрија како што БМВ, Ауди и Рено кои веќе се во фаза на реализација и кои се со поддршка од страна на нашите добавувачи. Нашата цел е да ја продлабочиме соработката со странските инвеститори лоцирани во индустриските зони, истакна Тодоровски по потпишувањето на договорот.