Започна изградбата на Avesta Battery and Energy Engineering во ТИРЗ Кичево
Денес во ТИРЗ Кичево официјално стартуваше изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“, каде во првата фаза ќе бидат инвестирани 10 милиони евра и ќе се отворат 120 до 200 вработувања.
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, заедно со премиерот Мицкоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и Александар Голабоски, извршен директор на Авеста Батери, присуствуваа на официјалното ставање камен темелник на фабриката.
Димовски изрази особена поддршка за инвестицијата која значајно ќе придонесе за економскиот раст и развој, потврдувајќи ја конкурентноста на Македонија како дестинација за странските инвеститори.
Александар Голабоски, извршен директор на компанијата, најави извоз од 50 милони евра во првата година од инвестицијата која ќе достигне 40 милиони евра, а бројот на вработени 600.
„Се надеваме дека објектот би бил готов наредната година. Извозот во првата година согласно бизнис планот би бил околу 50 милиони евра, а во пикот на работењето на фабриката за седум-осум години очекуваме да се зголеми десеткратно“, изјави Голабоски.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека стартот на инвестицијата е доказ дека со заедничка работа може да се направи многу.
„Почнува убава инвестиција за овој дел на Македонија, за Кичево. Очекуваме максималниот број на вработени во одреден момент да достигне 600, зошто да не и повеќе, а извозот до половина милијарда евра за шест до седум години. Ова се само докази дека заеднички може да се направи многу. Заедно со директорот на ТИРЗ, Гоце и инвеститорот направија многу за да овој проект конечно заживее, помина и на Владина седница. Очекуваме оваа година до крајот да ја завршиме со рекорден број странски инвестиции, во вредност од повеќе од 1 милијарда евра, со што ќе бидеме најдобри по глава на жител на Балканот.“ – изјави премиерот Мицкоски.