ЗА ПРВ ПАТ КОНКУРС ЗА УПИС ВО СТРУЧНИТЕ УЧИЛИШТА СПОРЕД ПОТРЕБИТЕ НА КОМПАНИИТЕ
Со оваа последна средба од карванот „Учи паметно, работи стручно“ ја затвораме целата дискусија и преминуваме кон подготовка на конкурс за запишување во средните стручни училишта, којшто за прв пат се прави на овој начин и кој ќе биде објавен на 31 март, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска на последната дебата од карванот за модернизација и унапредување на средното стручно образование, којашто се одржа во Општина Илинден.
„Навистина се значајни овие средби кои изминатиов месец и половина ги работиме заедно со општините, со стопанските комори и училиштата. Кога го започнавме овој карван на средби на коишто се одвива социјален дијалог за запишување на ученици во средните стручни училишта, започнавме со едно истражување со кое се испитаа 450 компании и 85 отсто од нив кажаа дека може да ги отворат вратите за ученици од средните стручни училишта, заради тоа што компаниите ја препознаваат потребата праксата да се одвива директно во компаниите, а со тоа да помогнат при подготовка на нивниот иден кадар и да помогнат на образовниот процес тој да биде поквалитетен, рече Царовска, напоменувајќи дека низ средбите се покажа дека најголем дел од компаниите речиси во секој град се одзваа и се подготвени да отворат дуална паралелка или да примат ученици на феријална пракса.
На истиот овој начин, додаде министерката, продолжуваме и понатаму да ги креираме програмите за наредната учебна година во средните стручни училишта заедно со компаниите, онаму каде што има потреба од подобрување или усогласување на работниот процес во компанијата, училиштето и Центарот за стручно образование да ги препознаат тие потреби од измени во програмите и заеднички да успееме да имаме што поподготвени ученици од кои дел ќе продолжат во високото образование, а дел од нив ќе бидат директно вработливи на пазарот на труд.
„На тој начин ја сервисираме потребата од стручен кадар во нашата држава за којшто во изминативе години се покажуваше дека недостига. Очекувам во наредниот период дека сите засегнати страна интензивно ќе ја следат оваа постапка, како ќе се објави конкурсот и начинот на којшто ќе успееме да привлечеме повеќе ученици во средните стручни училишта од изминатите години, потенцираше Царовска.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, изрази целосна поддршка на програмата и иницијативата на Министерството за образование и наука, во делот на подготовка на младите луѓе за влегување на пазарот на трудот.
„Оваа иницијатива е целосно комплементарна и со напорите на Дирекцијата и Владата за зајакнување не само на вештините и продуктивноста, која на крајот треба да резултира со еден засилен интезитет на раст на платите, не само на работниците кои што се ангажирани кај странските инвеститори, туку и генерално на ниво на целата држава“, додаде Деспотовски.
Градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, истакна дека општините се тие кои имаат обврска да обезбедат поквалитетни услови за учениците и наставниците.
„Општина Илинден е вклучена во овој процес со потпишување на меморандуми за образование со повеќе компании кадешто меѓусебните обврски се токму во делот на практичната настава, односно учениците од нашето средно техничко училиште одат на практична настава во компаниите, а исто така тим од компаниите доаѓа во училиштето и држи предавање и обуки на учениците“, изјави Стојановски.
Претставничката на Стопанската комора на Македонија Наташа Јаневска, изјави дека главен фокус на Комората е недостатокот на стручен кадар, за што апелираат и самиите компании, што влијае врз работните процеси како и врз зголемувањето на продуктивноста во самите компании.
„Нашите анализи покажуваат дека 63% од компаниите се соочуваат со недостаток на таков стручен кадар којшто веднаш би влегол во работните процеси. Најчесто како проблем сметаат дека е уписната политика и неусогласеноста на потребите од квалификации и од она што се нуди низ призмата на образованието. Оваа кампања која што ја организира МОН е широко поддржана и од СКМ и од другите комори и е многу важна, бидејќи има отворен дијалог каде што секој ги кажува своите потреби, а од друга страна се разбрани истите потреби и со заеднички дијалог можат да се изнајдат решенија и да се излезе во пресрет на потребите на компаниите, рече Јаневска, истакнувајќи дека придобивките од оваа кампања се големи, затоа што ќе се креира една релевантна уписна политика која ќе ги следи потребите на компаниите, а со самото тоа и ќе се одвива процесот на модернизација на средното стручно образование.