ИТАЛИЈАНСКАТА КОМПАНИЈА ТЕКНОХОСЕ ЈА ОТВОРИ ФАБРИКАТА ВО ТИРЗ СКОПЈЕ 1

Италијанската компанија „Текнохосе“ започна со производство во фабриката лоцирана во ТИРЗ „Скопје 1“. Почетната инвестиција е пет милиони евра со 50 вработувања, а во март наредната година почнува реализација на нова инвестиција од 10 милиони евра со што вкупниот број вработени ќе достигне 200. Фабриката е на простор од 3.000 метри квадратни и ќе произведува гумени армирани црева за висок притисок кои имаат примена во градежништвото, автомобилската индустрија и други индустрии. Производството е наменето за земјите од ЈИЕ и Русија.
Официјално фабриката во употреба ја пуштија премиерот Никола Груевски со целиот економски тим, генералниот директор на италијанската компанија Антонио Витило и италијанскиот амбасадор во Република Македонија Фабио Кристијани.
– И покрај тоа што светската економска криза имаше свое влијание на реализација на оваа инвестиција најавена уште во 2008 година, сепак резултатите не изостанаа. Пред нас е новата фабрика на италијанскиот инвеститор „Текнохосе“, рече премиерот Никола Груевски на пуштањето во употреба на новата фабрика.
Според премиерот, оваа инвестиција е уште една потврда дека владините економски политики ги даваат очекуваните резултати. – Во овие тешки години на светска економска криза и европска должничка криза само најдобрите и најснаодливите успеваат да опстојат, да ги алоцираат своите ресурси, да го реинвестираат својот капитал и да го прошират своето производство. Во вакви времиња „Текнохосе“ успеа во својата инвестиција, истакна премиерот Груевски.
Преговорите за инвестирање на италијанската компанија во Македонија, како што рече директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо, почнале во 2008 година и дека прв значаен чекор е направен во 2009 година со купување на објектот во Зоната во кој сега е сместена фабриката.
Генералниот директор на компанијата Витило истакнува дека во текот на реализацијата на инвестицијата имале за цело време поддршка од Владата. Потенцира дека причини зошто инвестирале во Македонија во период кога Македонија не била интересна локација за други италијански компании, е одличната географска местоположба, конкурентските трошоци и поволниот даночен систем.
– Поминаа пет години од моето прво патување во Македонија и сериозно размислував за тоа што нуди оваа земја. Сликата што ми беше презентирана беше совршена и се прашував што е замката на Македонија, истакна Витило, додавајќи дека одлуката да инвестираат надвор од нивната земја е многу важен чекор за нивата групација.
Италијанскиот амбасадор Фабио Кристијани потенцира дека италијанските инвестиции во Македонија не се на задоволително ниво, но изразува оптимизам дека ќе бидат поголеми во наредниот период.
Според него, оваа инвестиција е важна за Македонија зашто ќе им даде работа на многу семејства, а за неговата земја е важна бидејќи со неа се зголемува присуството на Италија како инвеститор во Македонија.

Компанијата „Текнохосе“, која во Република Македонија е регистрирана под името „Витек Македонија“, е членка на италијанската групација Витилло, а во ТИРЗ Скопје 1 купи постоечки објект кој комплетно е реновиран да одговара на потребите на новото производство што претставува прва фаза од нивната инвестиција.