„КОСТАЛ“ НОВА ГЕРМАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА СО 1000 ВРАБОТУВАЊА

Германската компанија „Костал“ е нова инвестиција која ќе се реализира во Македонија и ќе отвори 1000 работни места. Ќе се лоцира во охридско-струшкиот регион, на почетокот како браун-филд инвестиција, а подоцна и со сопствен капацитет, објави компанијата на својата веб страница.

– Со задоволство ги објавуваме нашите планови да ги прошириме производствените капацитети и да инвестираме во Македонија, наведуваат од „Костал“.

Извршниот потпретседател на компанијата Кристофер Сандерс изјави дека плановите на „Костал“ за инвестирање во Охрид се во согласност со нивната стратегија за раст и нивна обврска да произведуваат производи со најдобар квалитет, технологија и цена.

Договорот за реализација на инвестицијата во Македонија ќе се финализира до крајот на јануари 2015 година. Се планира да влезе како браунфилд инвестиција на почетокот во 2015 година, а потоа ќе следи гринфилд инвестиција во период од 2017-2018 година. Локацијата е во регионот на Охрид и Струга. Првичната инвестиција ќе биде фокусирана на производство на механички производи и се планира да се отворат до 1.000 вработувања.

Се планира проширување во иднина со употеба на локална работна сила и капацитети.

„Костал“ е водечки светски снабдувач со напредни електронски технологии, електромеханички и мехатронички производи за големите индустриски капацитети. Присутна е на 38 локации во 17 земји во светот на четири континенти со над 15.000 вработени.