МАКЕДОНСКИ БИЗНИС ФОРУМ ВО ДЕТРОИТ

Владиниот тим, предводен од премиерот Никола Груевски ги презентираше предностите за инвестирање во Македонија пред 60-ина компании од автомобилската индустрија во Детроит. Првите луѓе на познати брендови од таа индустрија слушнаа и лични искуства од инвеститори што веќе работат на македонскиот пазар.

Свои видувања за македонската бизнис клима пред бизнисмени од автомобилската индустрија во Детроит изнесоа и првиот човек на канадскиот гигант „Нортел“ и основач на проектот „Македонија 2025“ Мајк Зафировски, но и претставници на компаниите присутни со свои инвестиции во Македонија „Кемет електроникс“ и „Џонсон Контролс“ од Америка и „Џонсон Мети“ од Британија.

Според Зафировски, секоја наредна презентација за Македонија нуди поголема софистицираност на предлози и со подобрените референци од компаниите како „Џонсон контролс“ и „Џонсон Мети“ ја прават поатрактивна за инвестирање. – Бев многу импресиониран од оваа конференција, петта во последните пет години, каде нивото на софистицираност на нашите предлози значително се зголеми. Но, исто така, е добро да се види дека референците од „Џонсон Контролс“ и „Џонсон Мети“ се подобрени што ја прави Македонија поатрактивна за инвестирање, рече Зафировски.

Состојбата во економијата во Европа моментно не е многу позитивна и тоа според него и дава можност на Македонија да привлече инвеститори бидејќи е многу важно да се биде на локација што не нуди само ниски трошоци, туку и ги задоволува деловните потреби на компаниите.

Следна дестинација од втората економска презентација на македонскиот владин тим оваа година во САД, е Хјустон, по што ќе следат и претставувања на деловната клима и предностите за инвестирање во Македонија во Лос Ангелес и во Сиетл.