МОЖНОСТИТЕ ЗА ИНВЕСТИРАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА ПРЕЗЕНТИРАНИ ВО КАТАР

Владината делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, а во чиј состав беа и Зоран Ставрески, заменик на претседателот на Владата и министер за финансии, Бил Павлески министер без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции и Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, во функција на промоција на економските потенцијали на Република Македонија за привлекување странски инвестиции и промоција на македонските производи, оствари посета на неколку катарски владини компании, агенции и фондови пришто реализираа средби со менаџерските тимови на истите.

Владината делегација, предводена од премиерот Груевски, го посети Катар Холдинг, катарски владин инвестициски фонд, втор најголем на светот, а неговата капитализација изнесува 400 милијарди долари. Владината делегација оствари средба со менаџерскиот тим на фондот, на која беа презентирани инвестициските можности во Македонија. Менаџерскиот тим на Катар Холдинг ја оцени презентацијата како многу квалитетна и целисходна.

Владиниот економски тим ја посети и катарската агенција за развој Катар Диар и Хасад Компани, катарска владина агенција задолжена за постапување во областа на земјоделството и агро-бизнисот.

– Македонија нуди можности за квалитетна реализација на бизниси, таа е најконкурентна дестинација за инвестиции, која нуди ниски даноци, даночни ослободувања, соодветна работна сила и останати поволности. Резултат на оваа владина политика се двата брана на инвестиции, од кои едниот кон крајот на минатата година, и еден на почетокот на оваа, како и неколкуте најави за нови инвестиции во текот на годината, истакна премиерот Груевски на средбите.

– Задоволни сме од одвивањето на посетата, и од интересот кој го покажуваат нашите домаќини. Наша интенција е со постојаните посети и презентации да отвораме нови можности за Македонија, да бараме нови инвестиции, и отворање на нови капацитети, нови работни места каде што ќе може да се вработуваат лица и да остваруваат приходи, истакна вицепремиерот Ставрески.