НАЈАВЕНИ ПОВИСОКИ ПЛАТИ И НОВИ ИНВЕСТИЦИИВО ТИРЗ – ДЕСПОТОВСКИ ВО ПОСЕТА НА ТИРЗОНИТЕ ВО СКОПЈЕ

Поттикнување на нови инвестиции и како да се стимулира растот на платите беа во фокусот на разговорите на директорот на Дирекција за технолошко развојни зони Јован Деспотовски и претставници на компаниите Кемет, АРЦ и Гересхајмер. Деспотовски го презентираше новиот концепт во работењето и новиот начин на поддршка за странските инвеститори. Компаниите изразија задоволство од новите предлози и истовременонајавија конкретни планови за проширување на своите производствени капацитети и повисоки плати.

“Со новиот модел на државна поддршка целта ни е да се привлечат инвестиции во повисок квалитет. Дополнително заедно со компаниите ќе работиме и на креирање на програма за развој на вештини што ќе треба да доведе до забрзан раст на платите. Она што особено охрабрува е што компаниите во зоните и во време на криза имаат раст на вработеноста од речиси 1%, а се очекува трендот на раст да продолжи, “порача Деспотовски, по средбите.

Дел од компаниите веќе најавуваат конкретни планови за проширување на производствените капацитети како и воведување на нови производствени линии на производи со повисок квалитет и повисока додадена вредност.

Деспотовски најави и старт на инвестициски циклус од 15 милиони евра во основната инфраструктура во повеќе зони. Овој план за првпат е изготвен во соработка со корисниците и според нивните потреби.Предвидени се повеќе зафати меѓу кои и физичко поврзување на зоните ТИРЗ 1 и ТИРЗ 2 во Скопје.

ТИРЗ исто така развива и целосно нов концепт на организација во делот наaftercare, односно грижата на корисници со воведување на принципот на “една влезна точка“.

Во наредниот период продолжува започнатата интензивна комуникација со постојните и потенцијалните домашни и странски инвеститори.