Нова потенцијална инвестиција на македонската компанија ТГС „Технички гасови“
Македонската компанија ТГС „Технички гасови“, членка на глобалната СОЛ групација од 1995 година, најави нова потенцијална инвестиција во ТИРЗ. На средбата помеѓу директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски и Александар Чадиковски, директор на ТГС „Технички гасови“, детално беа разгледани условите за новата потенцијална инвестиција, како и потенцијалните области за соработка и заеднички проекти кои можат да донесат значителни придобивки и за двете страни, со цел унапредување на взаемните интереси и креирање на стабилни партнерства.
„Верувам дека новата потенцијална инвестиција ќе резултира со значителни придобивки и многу нови можности за развој. Продолжуваме и понатаму посветено да работиме на создавање поволни услови за инвестиции и технолошки напредок.“ – истакна Димовски.
Проектот на ТГС „Технички гасови“ предвидува изградба на нови производствени капацитети и проширување на постојните, со што ќе овозможи зголемување на производствената способност и значително подобрување на конкурентноста.
„Како дел од СОЛ групацијата, нашата стратегија не само што има за цел да ја зајакне конкурентноста, туку и да придонесе за одржлив економски раст, создавање на нови работни места и подобрување на квалитетот на услугите што ги нудиме. Новата потенцијална инвестиција е важен чекор за нас како компанија, сѐ со цел остварување на заедничките цели, како и унапредување на нашата индустрија и економија во целина.“ – изјави Чадиковски.
СОЛ групацијата е десетта најголема на глобално ниво, шеста во Европа и признат водечки независен италијански играч во секторот за технички и медицински гасови, која не е поврзана со мултинационални компании. ТГС „Технички гасови“ се одликува со производство и трговија со технички и медицински гасови, а понудата на компанијата опфаќа и транспорт, дистрибуција, продажба, како и дизајн и технички решенија, монтажа на инсталации за потрошувачка на гас и трговија со опрема и уреди за користење на гасови.