НОВА ИНВЕСТЦИЈА НА „ЏОНСОН КОНТРОЛС“ ОД 20 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ВО ТИРЗ СТРУМИЦА

Американската глобална компанија од областа на автомобилската индустрија ќе инвестира 20 милиони долари во ТИРЗ Струмица за изградба на нова фабрика за производство на покривки за автомобилски седишта.

Договорот за новата инвестиција го потпишаа директорот на Џонсон Контролс, Вили Ван Лој и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо.

Директорот на Трим групацијата на Џонсон Контролс, Питер Хајфт, изјави дека покрај фабриката во Штип ова е втора фабрика на компанијата во Македонија. Одлуката повторно да инвестираат во земјата рече, уследила по одличните резултати од двегодишното работењето на нивната фабрика во Штип, каде работат 1.800 лица, како и поради успешната соработка со Владата.

– Отворањето на нова фабрика е важен настан. Ова не е само значајна инвестиција од 20 милиони долари, туку истовремено и можност за нови вработувања кои заедно со оние во фабриката во Штип изнесуваат над 3.000 работни места, рече Хајфт.

Во новиот капацитет во Струмица, кој прво ќе функционира како браунфилд инвестиција, веќе се ангажирани 130 лица кои поминале обука, а до крајот на годината бројот на вработени ќе изнесува 400 лица. Производствениот капацитет ќе биде со површина од 13 илјади метри квадратни со исти параметри како фабриката во Штип и се очекува извозот да надмине 80 милиони евра на годишно ниво.