Нова потенцијална инвестиција во ТИРЗ, остварена средба унгарската компанија Икарус

Директорот Гоце Димовски денес оствари средба со Тамаш Бенкос од унгарската компанија Икарус, глобално признат бренд за производство на автобуси. Во фокус на средбата беа можностите за развој кои ги нуди Македонија и ТИРЗ како атрактивна локација за странски директни инвестиции, како и бројните поволности во рамки на зоните.

Димовски посочи дека главната цел на Дирекцијата за ТИРЗ е што поголем економски развој преку инвестиции кои носат висока додадена вредност за целата држава, со отворање на нови работни места и зголемување на извозот. Во таа насока, тој истакна дека компании како Икарус, светски признат бренд, претставуваат значаен потенцијал за дополнително зајакнување на зоните.

Од страна на Тамаш Бенкос, земајќи ја предвид стабилната бизнис средина, беше изразена заложба за нови инвестиции во државата, односно во рамки на ТИР зоните. Toj ги истакна стратешките цели на компанијата насочени кон воведување иновации, унапредување на производствените процеси и развој на технолошки решенија кои овозможуваат поголема ефикасност и одржливост, посочувајќи ја Македонија како атрактивна дестинација за инвестирање.

Основана во 1895 година, Икарус е пионер во унгарското производство на автобуси, со повеќе од еден век инженерска експертиза. Со визија за јавен превоз со нулта емисија, максимизирање на употребата на обновливи извори на енергија и минимизирање на еколошкиот товар од производствената технологија, денес, Икарус е во првите редови на технологијата за електрични возила, произведувајќи одржливи автобуси кои им служат на заедниците ширум светот.